Филипче прашува: Ги проверува ли некој бунарите што се влеваат во Рашче?


Венко Филипче

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на брифинг со новинарите го опиша како „чиста импровизација и задоцнета реакција“ начинот на кој Владата се справува со загадувањето на водата во Гостивар отворајќи и дополнително прашање: Ги проверува ли некој воопшто бунарите кај Вардар и Лепенец, чија вода се влева во Рашче?

Практично на долгата листа на градови и села со компромитирана вода за пиење тој го додаде и Скопје, поради одбивањето од власта да изнесе јавно документи врз основа на кои оценила дека техничката вода во Гостивар може да се користи – иако не и да се пие. 

„Сите реакции се задоцнети. Дури денес Министерството за здравство донесе препораки за детекција на симптоми за хепатит во Гостивар, а јас пред две недели предупредив  дека може да ни се случи таква епидемија“, рече Филипче на брифингот.  Па, постави во тој контекст дополнително прашање: „Кој ја контролира техничката вода во Гостивар со која се мие храната во рестораните?“

„Тоа се однесува и на загадената вода во Лепенец. Нема објаснување од каде дојде загадувањето и до кој степен, а во сливот на таа река се и неколку бунари со кои се надополнува со вода и изворот Рашче со кој се снабдува Скопје. Ќе провери ли некој дали се загадени?“, додаде Филипче, порачувајќи дека мерките што сега се преземаат се задоцнети и импровизација.   

На забелешката дека според премиерот Христијан Мицкоски и додека тој беше министер за здравство имало случаи на загадување на водите за пиење, тој  ги повика институциите да истражат.

„Ако имало загадена вода во Гостивар во мое време, зошто немаше епидемија?“ – праша реторички Филипче оценувајќи ги овие обвинувања како обид да се сврти вниманието од вистинскиот проблем. 

Според листата што ја објави СДСМ се поголем е бројот на градови и села во кои е регистрирано загадување на водата за пиење и, покрај Гостивар,  на неа се Крушево, Валандово, Булачани, Пласница, Лешок, Преглово, Маврово, Рич, Белотино, Башино Село, Елшани, Велестово, Сушица, Зубово, Дражево, Борисово, Колешино и Ново Коњарево, плус реките Лепенец и Вардар во  регион каде што се близу бунарите кои го дополнуваат изворот Рашче.

„Цела Македонија останува без безбедна вода за пиење, а одговорен  сè уште нема. Ниту еден“, порачаа од СДСМ утрово. Според оценката ова не е веќе епидемија туку системско труење на државата. 

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека во периодот кога Венко Филипче бил министер за здравство, Министерството за здравство располагало со информации за приближно 400 анализи на неисправна вода за пиење, но, како што тврдат од партијата, јавноста не била навремено информирана. Според соопштението, станува збор за анализи во кои биле утврдени различни неправилности во квалитетот на водата, при што, како што наведуваат, институциите не презеле соодветни мерки ниту ги предупредиле граѓаните за можните ризици.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат неколку конкретни примери од 2021 година, меѓу кои неисправна вода во здравствен дом во Македонска Каменица, неисправна вода на чешма во близина на училиште во селото Гумалево, отсуство на резидуален хлор во локален водовод во Дебарца, како и случаи на микробиолошка контаминација и присуство на бактеријата Escherichia coli во Требеништа и во одморалиштето Пониква кај Кочани. Партијата прашува зошто, доколку овие информации биле познати на Министерството за здравство, граѓаните не биле известени и зошто не биле преземени мерки за отстранување на ризиците.

Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ наведува дека веќе се поднесени пријави до Министерството за внатрешни работи и очекува Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага за целиот случај, да утврди дали постоело прикривање на информации и дали со евентуално непостапување биле загрозени здравјето и животите на граѓаните. Од партијата порачуваат дека за случајот мора да има одговорност и дека, како што наведуваат, никој не смее да биде над законот, без оглед на функцијата што ја извршувал.