Зелен Хуман Град ги бара имињата на „експертите“ на Стефан Андоновски за дата центрите


Во текот на вчерашниот ден Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски даде неколку изјави на прес-конференција поврзани со изградбата на дата-центри, со кои ги навреди не само еколошките здруженија и организации ширум државата туку и интелигенцијата на целокупната македонска јавност, реагира зелен Хуман Град со соопштение.
 
– Андоновски не само што изјави дека „се консултирал со многу експерти и СИТЕ ДО ЕДЕН му препорачале да отвори дата – центри“, туку еколошките здруженија и сите граѓани коишто, врз база на огромен број на студии и компаративни искуства, со право се загрижени за влијанието кое тие дата – центри би го имале на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните ги нарече ШИРАЧИ НА ТЕОРИИ НА ЗАГОВОР кои создавале ОПШТЕСТВЕНА ХИСТЕРИЈА.
 
 Кога говориме за „експерти“ и за негативните влијанија на Дата-центри, само би ја посочиле последната студија на ООН (Организација на обединетите нации) според која дата-центрите трошат ЕНОРМНИ количини на струја и вода. Тоа се клучни ресурси кои Македонија, гледајќи ја само ситуацијата во Гостивар, нема инфраструктурни капацитети да ги задоволи. Дополнително е загрижувачко тоа што до 2030 година ООН предвидува дека дата-центрите ќе генерираат околу 2.5 МИЛИОНИ ТОНИ електронски отпад.
 
 ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД бара во најбрз можен рок, министерот Андоновски и Министерството за дигитална трансформација да ги објави со име и со презиме т.н. „експерти“ со кои се консултирале, кои поддржуваат градење на дата-центри во Македонија со цел граѓаните да знаат кои се виновниците зошто водата им е кафена, сметките за електрична енергија покачени а квалитетот на живот уште толку урнисан.
 
 Да се потсетиме – граѓаните на нашата држава се единствените кои можат да одлучат дали ваков потфат би се остварил, и тоа врз основа на научни и статистички факти – а во моментов науката и статистиките во целост се противат на изградба на овие разорни објекти, особено на места каде квалитетот на водата, почвата и општо на животот се веќе на застрашувачки ниско ниво.
 
 Во време кога, многу поразвиени држави од Македонија, воведуваат МОРАТОРИУМИ ЗА ИЗГРАДБА на дата-центри на нивна територија поради разорните последици кои тие ги носат, не смееме да дозволиме, по којзнае кој пат, светските економски елити и шака моќници да си ги префрлуваат загадувачките бизниси кај нас.
 
 МАКЕДОНИЈА е прекрасна земја, НАША земја за која НАШИТЕ претци со векови се бореле против многубројните окупатори и буквално ГИНЕЛЕ за татковината. Ќе им дозволиме ли сега молкум на нео-колонијалистите и нивните вазали да продолжат да ја пустошат нашата татковина, лажејќи нè во лице дека е за наше добро, за некој си развој?- порачува Зелен Хуман Град.