Пораки од Министерскиот совет: ОБСЕ е живо, неговата вредност е колку повеќе се користи за надминување на несогласувањата


Фото: Б. Грданоски

ОБСЕ е живо, неговата вредност е колку повеќе се користи за надминување на несогласувањата. Блокадата или непочитувањето на принципите на Организацијата е директна закана кон нејзините основни вредности за кои се заложува уште од 1975 година, се главните пораки што беа испратени од Министерскиот совет на ОБСЕ што вчера се одржа во Скопје.

Европските лидери ја осудија руската агресија врз Украина и упатија силна поддршка за украинскиот народ, а дел од нив ја напуштија салата за време на обраќањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој во своето обраќање рече дека она што моментално се случува во ОБСЕ не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања. Пред учесниците на Министерскиот совет, Лавров истакна дека западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на ОБСЕ. 

Поради доаѓањето на Лавров во Скопје, министрите за надворешни работи на Украина, Естонија, Летонија, Литванија, Романија и Полска го откажаа своето учество на Министерскиот совет, но делегации од земјите како и дел од нивните амбасадори во ОБСЕ, сепак, допатуваа на состанокот.

Фото: Б. Грданоски

Премиерот Димитар Ковачевски, отворајќи го состанокот, порача дека визијата на ОБСЕ како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани. 

-Воената агресија на Руската Федерација против Украина продолжи со несмален интензитет и разорувачки последици, потврдувајќи ја својата неоправданост и неправедност, рече Ковачевски, додавајќи дека народот на Украина заслужува мир и оти постигнувањето праведен и одржлив мир останува императив.

Додаде дека оваа војна продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ и затоа, рече,  како клучно безбедносно прашање на нашиот регион и пошироко, централен приоритет за нашето претседавање беше и останува да биде обезбедување суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ низ димензиите на ОБСЕ.  

Според Ковачевски, победила дипломатијата за договорот Малта да биде следен претседавач со Организацијата.

– Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира, ќе продолжи да биде гарант на обезбедување на развој на демократските и на мирните процеси во Европа, рече Ковачевски.

Фото: Б. Грданоски

Шефот на дипломатијата Бујар Османи испрати „порака на надеж дека нема да ја пропуштиме нашата средба со историјата, дека ќе одговориме на тежината на моментумот и дека ќе обезбедиме предвидлива и конструктивна иднина за ОБСЕ“.

– Ќе ги пренесам трите пораки дека ОБСЕ опстои и продолжува да испорачува. Северна Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ во година на активна војна со невидените досега закани по европската безбедност и по меѓународениот поредок базиран на правила. Руската воена агресија врз Украина ги прекрши сите правила на Организацијата, Финалниот акт од Хелсинки и други клучни документи за европската сигурност и човековите права. Војната ги поктопа довербата, дијалогот и нашиот капацитет да испорачаме, а над се таа ги уништи животите на обичните луѓе, нивното право да живеат слободно, сочени со стравот од војната и создадените воени услови. Во рамки на ОБСЕ, дијалогот и соработката беа заменети со поделби и поларизација. Консензусот често инструментализиран за постигнување национални политички цели, наместо да му служи на колективниот интерес, стана оружје правејќи ги постигнувањето на практичните цели далечни и тешко достижни, рече Османи во обраќањето.

Фото: Б. Грданоски

Германската министерка за надврешни работи Аналена Бербок, нагласи дека соработката во ОБСЕ мора дополнително да се зајакне иако Русија постави огромни пречки на патот на работата во последните година и пол.  

– Како ниедна друга организација, ОБСЕ се залага за безбедност на повеќе од 1,3 милијарди луѓе, што значи дека тие сакаат да живеат заедно во мир и безбедност и добар економски развој, нагласи Бербок, истакнувајќи дека фактот што Русија не успеала да го уништи ОБСЕ е важен придонес за мировниот поредок.

Фото: Б. Грданоски

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека она што моментално се случува во Организацијата не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања. Тој пред учесниците на Министерскиот совет истакна дека западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на ОБСЕ. 

-Поделбите на континентот ја поткопуваат безбедноста што ја креира ОБСЕ и доблесната идеја на која почива процесот од Хелсинки, рече Лавров.  

Тој изјави дека традицонално овие состаноци завршуваат со позитивни и охрабрувачки пораки, но според него во моментов нема простор за оптимизам. ОБСЕ, според рускиот министер за надворешни работи е претворен во Огранизација, која им служи на интересите на НАТО и ЕУ и се поставува прашањето дали е мудро истата да биде витализирана. 

Според Лавров, сегашните случувања го доведуваат во прашање и функционирањето на ОБСЕ како форум за објективно решавање на глобалните проблеми и го поткопуваат принципот на еднакви права на сите учесници.

Тој се осврна на повеќе случувања во минатото, нагласувајќи дека земјите од НАТО и ЕУ ја уништиле воено-политичката димензија на ОБСЕ. Истакна дека во 1999 година, НАТО извршил брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ, а го спомена и како што рече одземањето на Косово од Србија и кршењето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединети нации.

Според Лавров, Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.

Рускиот министер за надворешни работи веднаш по завршувањето на говорот ја напушти салата, во која се одржува состанокот. На маргините на состанокот имаше билатерални средби со шефовите на дипломатиите на Ерменија и на Унгарија, Арарат Мирзојан и Петер Сијаро, како и попатна средба со шефот на австриската дипломатија, Алекандер Шаленберг.

Официјалната претставничка на Министерството за надворешни работи на Русиjа Мариjа Захарова на социјалната мрежа Телеграм објави дека на масите во салата за состаноци на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ има јасна манифестација на она за што зборувал Сергеј Лавров во својот говор: под притисок на САД, логиката на ОБСЕ се заменува со агресивната идеологија на НАТО. 

Помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан, пак, во своето обраќање потенцира дека е потребно да се упати сериозна критика за секој кој има намера да го блокира функционирањето на ОБСЕ, затоа што тоа би било директна закана кон нејзините основни вредности и заложби, но и кон животите на милиони луѓе кои се обидуваат да ги уживаат основните човекови права.

-Нашето присуство тука не е само привилегија туку и наш избор, бидејќи сме свесни дека секој од нас работи на тоа да ги достигне аспирациите за остварување на основните човекови права, а токму за ова потребна ни е и помош од нашите партнери. Ја поддржуваме Организацијата не само заради нас. Тука сме да бидеме еден за друг, тука сме за најранливата популација во секое општество, рече О’Брајан.

Тој останува на ставот дека руската офанзива кон Украина е директна закана за слободата на цивилното население, за меѓународното право и принципите на оваа Организација.

Во десетата година од анексијата на Крим, во 2024 година, според Цимбаљук, ОБСЕ како никогаш досега има потреба од силно лидерство од одбрана на принципите на Организацијата, со дополнителна

Украинскиот амбасадор во ОБСЕ, Евгениј Цимбаљук во обраќањето на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, изрази благодарност до сите земји за поддршката на Украина во борбата за слобода против Русија, со кое, како што рече, придонесуваат и за одбрана на иднината на ОБСЕ. 

Цимбаљук, симболично во своето обраќање, пред делегатите покажа и пет зрна изгорени од Русија со ирански дрон, објаснувајќи дека Русија  има уништено стотици илјадници тони житарки, со што, како што нагласи, остави многу семејства низ целиот свет без храна. 

Во 2024 година, според Цимбаљук, ОБСЕ како никогаш досега има потреба од силно лидерство во одбрана на принципите на Организацијата, со, како што рече, дополнителна изолација на Русија и нејзините малигни акции во рамките на истата. (МИА)