Порака до Ердоган: Доста е!


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Главниот уредник на провладиниот исламистички дневен весник „Јени Шафак“, Ибрахим Карагул, во вторникот ја обвини опозицијата дека извела државен удар со тоа што победила на локалните избори во Истанбул. Преку Твитер тој повика: „Изборите во Истанбул мора да се повторат. Затоа што на 31 март беше извршен државен удар против Турција на отворена сцена преку изборите. Тоа не беше изборна измама или корупција, туку мултинационална интервенција“.

Оваа реакција на еден од наjдоверливите поддржувачи на власта на претседателот Реџеп Таип Ердоган, неверојатно, илустративно го покажува шокот од загубата на клучниот град во Турција. Целата милионска владејачка структура на партијата АКП сè уште не може да закрепне од загубата на осум од 13. најголеми града во Турција на локалните избори во неделата. И на целото крајбрежје во Егејското и Медитеранското Море. Реакцијата на АКП беше инстинктивна – таа ги обжали резултатите во сите 39 окрузи во Истанбул (во најголемиот дел од нив победи) за преку Врховниот изборен совет да може некако да се добере до победата за која ѝ недостигаат околу 25 илјади гласа. Изборната комисија нареди пребројување на гласовите во 19 окрузи во Истанбул и 11 во Анкара. Изгледа нелогично, но партијата што ја има целата власт во земјата од 2002 година сега ќе се жали дека таа самата нерегуларно ги спровела изборите.

Обично локалните избори во Турција не предизвикуваат особено внимание во меѓународната јавност, но откако Ердоган нив ги претстави како прашање за „национален опстанок“ стана јасно дека нешто се случува под површината на авторитарната власт во 79-милионската земја. Дека постои огромно незадоволство од тоа како се движи економијата, од 30-процентната загуба на лирата во однос на доларот, од 20-процентната инфлација, од тоа што земјата е веќе два квартали во рецесија, од тоа што корупцијата, непотизмот и кронизмот го зафати како канцер целото општество; од тоа што Ердоган после втората почна да ја гради и третата претседателска палата, од огромното производство на непријатели на државата, од омаловажувањето на политичките противници, од апсењето на новинарите и граѓанските активисти – од жестоката пресметка со сите што мислат поинаку по неуспешниот обид за државен удар во 2016 година.

Цели два месеца Ердоган беше во постојана кампања одржувајќи дневно по осум митинзи. Тој го испрати својот најверен сојузник, поранешниот премиер и парламентарен спикер, Бинали Јилидрим, како кандидат за градоначалник на Истанбул верувајќи дека толку висока владина фигура ќе му помогне да ја зачува власта во мегалополисот кој, во основа, е сè за Турција. А за Анкара назначи уште еден поранешен министер за да ја спречи победата на кандидатот на секуларистичката Републиканска народна партија (ЦХП), Мансур Јаваш, која ја навестуваа анкетите. Јилдирим, пак, во анкетите имаше водство од три до пет проценти, што за еден огромен град како Инстанбул се неколку стотици илјади гласови. Не успеаја ниту едниот ниту другиот. Освен ако изборната комисија не го преиначи нивниот пораз. А тоа би било сосема спротивно од целокупната досегашна филозофија на владеењето на Ердоган – „мојата власт доаѓа од изборните кутии“ и резултатите од нив се неприкосновени во една демократија.

Партијата на Ердоган и нејзините претходници владеат со Истанбул уште од 1994 година. Тој самиот ја почна својата политичка кариера како градоначалник на мегалополисот во 1999 година. Тој извонредно добро знае што значи овој град за Турција. Ердоган може да ја преболи загубата на Анкара, но губитокот на Истанбул значи дека го загубил срцето на Турција. Ердоган верува дека земјата не може да биде владеена без контрола на поранешната отоманска престолнина: „Ако потклекнеме во Истанбул, ќе го загубиме чекорот во Турција“, ѝ порача на неговата происламистичка партија по тесниот референдум во 2017 година, кој републиката од парламентарна демократија ја претвори во претседателски систем. Со месеци на зградите во Истанбул висат големи билборди на кои Ердоган е прикажан како вели „Истанбул е мојата љубов“. На овие избори таму гласаа околу 8,5 милиони луѓе и може да предизвика бран кој ќе се префрли врз целата земја. Таму се создаваат 266 милијарди долари, што е 31 отсто од целокупниот БДП на Турција. Другите бројки од загубата се уште поголеми – 13. од 20 големи града што ги загуби АКП заедно продуцираат две третини од вкупниот БДП на Турција. Тоа изгледа како запрепастувачки пораз, иако партијата на Ердоган и натаму е доминантна политичка сила во земјата, таа освои нешто над 40 отсто од гласовите, додека главната опозициска партија, ЦХП, 30 отсто. Но загубата на овие градови отвора големи грижи за Ердоган, иако неговата власт во догледно време е неприкосновена. Следните парламентарни избори се закажани за 2023 година.

Претчувствувајќи дека може да доживее неочекуван удар, Ердоган ја окупираше целокупната кампања. Телевизиските програми на државната телевизија и на многуте провладини ТВ-мрежи беа прекинувани за да го пренесуваат речиси секој негов митинг во живо. Во секој говор тој пронаоѓаше непријатели на државата: омилена тема му беа курдски политичари, на митинзите покажуваше нивни слики, како и фотографии на феминисти; дури покажа и инсерти од видеото на масакрот во Крајстчрч во Нов Зеланд. Се прикажуваше како борец против оние што сакаат да ја поделат или ослабнат Турција. Ги напаѓаше како „непријатели на државата“, либералите, опозицијата, Западот, Европа, Сорос, Израел, атеистите, финансиските барони – секој што мисли поинаку или за кои претпоставува дека може да биде закана за неговата власт. На опозицискиот кандидат во Анкара, Јаваш, му порача дека ќе биде уапсен ако победи на изборите. Опозицијата ја претставуваше како ѓавол кој има врски со терористите, откако ЦХП склучи изборна коалиција со десничарската партија Ији и обезбеди поддршка од прокурдската Народна демократска партија (ХДП) за изборите во најголемите градови. Оваа поддршка беше извонреден потег на ЦХП, затоа што ХДП се откажа од свои кандидати во Истанбул, Анкара, Мерсин, Анталија, Адана и го повика нејзиното избирачко тело составено од милиони Курди да гласаат за опозицијата. Уште од ланските парламентарни избори Ердоган се потпре повеќе отколку што треба на тврдо националистичката партија МХП, создавајќи коалиција и ја одвлече политиката на сопствената партија подалеку кон десно. Тоа отуѓи многу од неговите традиционални гласачи.

Ѝ се закануваше на лидерката на партијата Ији, Мерал Аксенар, дека ќе биде уапсена и ќе заврши во затвор. На ден пред изборите на митинг во еден мал град на Егејот, Аксенар се појави со торба на подиумот и изјави дека е спакувана и подготвена да оди во затвор, ако е тоа неопходно. Таа сцена остави извонреден впечаток кај гласачите, кои сепак сè уште веруваат во демократијата. Фактот дека излезеноста беше 84 отсто докажува дека демократските вредности во Турција и покрај авторитарниот режим не се запретани, туку луѓето веруваат оти нивниот глас може да одлучува.

Опозицијата избра кандидат за Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е целосно спротивен на владините политичари кои се обидуваат да делат. Умерен, мек во зборот, обединувач, добар организатор, тој ги галванизираше жителите на Истанбул. Досега беше градоначалник на една од неговите општини и се покажа како извонреден организатор кој внесе големи новини. Едно видео стана синоним на неговата кампања. За време на посетата на пазар во Истанбул, еден тврдокорен приврзаник на АКП му се спротивстави на Имамоглу велејќи му дека АКП градела пруги, а неговата партија уривала џамии асоцирајќи на злоупотребите на владетелите на ЦХП од пред 50-70 години. Имамоглу само се насмевнува, го прегрнува и му вели: „Дедо, јас дури и не бев роден кога се случило тоа“. Потоа тие уште малку разговараат за на крај дедото да каже: „Нема да гласам за ЦХП, но ќе ти го дадам мојот глас тебе“.

Оваа епизода на свој начин покажува колку се променил Истанбул, а и луѓето во него. Новата генерација млади луѓе кои израснаа по демонстрациите во паркот Гези во 2013 година имаат мал допир со структурите на АКП, тие бараат поинаква демократија, а не диригирана од еден човек. Победите во Истанбул и Анкара покажаа дека постои начин демократите да се спротивстават на илибералниот режим. Треба да бидат добро организирани, опозицијата обединета и да одбере вистински кандидати кои ќе испратат јасна порака – дека е доста.

Илузорна е да се каже дека Ердоган ја губи власта, но за еден владетел кој е навикнат само на победи овој пораз во големите градови е голем удар. Неговата главна задача е сега да разбере зошто партијата АКП се отуѓи од граѓаните и не ги разбира нивните пораки. Во обвинувањата на сите други тој нема да ги најде одговорите, туку само може да го распламти огнот на надежта на опозицијата за следните парламентарни избори, да го поттикне нејзиното подобро организирање и да ја дефинира пораката на политичките ривали. Тоа не е лесна задача за човекот кој мислеше дека има одговори за сè.