Популизмот на европски и македонски начин


НАНО РУЖИН

Во времето на Роберт Шуман, кога се создавала Европската Унија, анализата на механизмите на моќта била едноставна: со економското обединување ќе се создадат верижни ефекти кои ќе резултираат со политичко обединување. Неговиот современик Жан Моне во истиот стил сметал дека Европа не е математика. Таа нема да се создаде со само еден потег ниту како сума на збирни конструкции. Таа ќе биде плод на долготраен процес. Според татковците на Европа, политичка Европа со своите обединети народи требаше да биде црешата на врвот на политичката торта.

Педесет и две години подоцна, творците на еврото сè уште ја делат вербата дека единствената монета ќе ја зацврсти политичката солидарност на ЕУ. Нема сомнение дека еврократите веруваа во интеграциската моќ на економијата. Меѓутоа, економската глобализација се соочи со неочекувани ефекти. Таа не ги исполни предвидувањата за глобалниот просперитет на луѓето. Напротив, таа ги збогати најбогатите, ги маргинализира сиромашните и ги урна темелите на либералните демократии. Во овој свет каде што владее логиката на Армагедон, дури звучи наивно и левичарски космополитска и хумана порака на понтифот Франциск: „Пружете им рака на сиромашните преку дела, а не само со зборови“.

Но зборовите на генијалниот отец Франциск, кој со својот ентузијазам ја врати Македонија на светската мапа, едвај задираат во чувствата на популистите. Што подлабоко се навлегува во анализата на функционирањето на Унијата, станува јасно дека таа е далеку од политичката солидарност. Сега е јасно дека економската интеграција не ја галванизирала политичката интеграција. Доколку се сака да се воспостави солидна и ефикасна ЕУ, неопходна е нова политичка солидарност и синергија на лидерите на ЕУ. Но во минатото ЕУ таквите иницијативи ретко ги правеше. На тој начин се објаснува и пораката на францускиот претседател Емануел Макрон: „Најнапред треба да се реформира ЕУ, а подоцна да се размислува за проширувањето“. Меѓутоа, тоа не значи дека силно ќе се спротивстави на датумот за преговори на нашата држава.

Иако критикуван од страна на француските популисти и екстремна десница како паневропеец и европски федералист, што во екот на предизборната кампања е пејоративна квалификација, Макрон чиј рејтинг е во пораст, засега молчи за проширувањето на ЕУ во Западен Балкан. Во овој миг, како што пишува Никол Гнесото западните демократии се соочуваат со синдромот на имонд животното (la bete immonde), кого Бертолт Брехт го перципираше како симбол на сите форми на десниот екстремизам до фашизам. Живееме како во триесеттите години на минатиот век. Екстремната десница насекаде е во подем. Во Бразил во 2018 година беше избран претседател од екстремната десница. Во САД уште од изборот претседателот Доналд Трамп практикува безрезервен популизам преку традиционалните медиуми, испраќа провокативни твитови и радикални критики на сметка на демократските мултилатерални институции Во ЕУ најмалку во 10 држави на власт е популистичката и крајната десница самостојно или во коалиција. Најгорди за десничарската ренесанса со популистите во Унгарија, Полска, Италија, Словачка и Романија. Во Австрија премиерот Себастијан Курц, министерот за надворешни и внатрешни работи потекнуваат од екстремната десница.

До пред една деценија таквата политичка опција беше незамислива. Во 2006 година Советот на ЕУ се закануваше со суспензија на Австрија поради изборната победа на екстремистот Јерг Хајдер. Денес Советот на ЕУ е толерантен кон таквите појави. Како ЕУ да се соочи со сопствената популократија, ксенофобијата, вулгарноста, авторитаризмот и манипулациите? Пјер Верлуис, основачот на моќниот париски портал „Дипловеб“, смета: „не е доволно да се критикуваат и напаѓаат популистите и екстремните десничари туку да се осмислуваат нови стратегии за нивно маргинализирање. Примарна итност е да се разбере зошто расте потребата за авторитарноста во Европа. Колкава е одговорноста на ЕУ и на нејзините европските политичари?“

Нема сомнение дека ЕУ покажа недоветност во управување со кризите, односно со мигрантските бранови. Можеби ги потцени и социјалните нееднаквости и новите ранливи категории. Веројатно покажа миопија за социјалниот статус на старата популација? Конечно, отровната алијанса помеѓу колективната економска безизлезност и сиромаштијата, исто како за време на дивиот капитализам, ја згмечи индивидуата да преживува според принципот „секој за себе“, „секој се снаоѓа самостојно“.

Во РС Македонија тоа најдобро се почувствува за време на популократијата на Груевски. За ЕУ-кратите најзначајна беше безбедноста и стабилноста на РМ за сметка демократијата. Затоа Брисел молчеше за македонската популократија. За тоа време ученикот на Орбан упорно го имитираше унгарскиот авторитарен популизам оптоварен со синдромот на хубрис. Да не се случија промените, РСМ веројатно ќе дегенерираше до целосно деинсталирање на демократијата, нејзино рушење, но и трагичен крај во стилот на латиноамериканските диктатури. Веројатно граѓаните на нашата држава сè уште не се доволно свесни со што се справија пред три години и како ќе живеевме во условите на македонската популократија.

Втората итност за борците за Европа е решителноста кон сите предизвици кои ја загрозуваат правната држава. Оваа дијагноза е валидна особено за државите аспиранти за кои ЕУ поседува казнени алатки. Но состојбите се многу поцинични со членките на ЕУ како Унгарија и Полска. По долгото двоумење, ЕУ конечно реши да го активира член 7 против овие две држави без никакви шанси да успее. Имено, тие заемно би го употребиле правото на вето, една кон другата. Дали финансиските казни би биле поефикасни? Во Брисел истакнуваат дека секоја година на Полска ѝ се прелеваат 15 милијарди евра, или четири отсто од нејзиниот БДП. Кога Европејците би покажале зрелост преку наметнувањето на политичкото единство и би ја казниле Полска, би ја разнишале и нејзината популократија, смета Никол Гнесото.

Следната голема слабост на ЕУ е загрозеното владеење на правото како во популистичките режими така и меѓу аспирантите од Западен Балкан. Кон овој хендикеп се надодаваат „Брегзит“, „Италегзит“, како и недостигот на лидерството во Унијата, што Макрон и Меркел се обидоа да го покажат на недоамнешната средба со Западен Балкан во Берлин.

РС Македонија, во 2017 расчисти со популизмот како владејачки политички модел, но не и со партискиот популизам. Популизмот во нашата држава како политички стил беше комбиниран со традиционалната политичка култура и етнонационализмот кој со проектот „Скопје 2014“ ги чинеше граѓаните на нашата држава близу една милијарда евра.

Популистичкиот стил, како и во другите режими, и кај нас се потпира врз неколку перцепции. Една од овие координати е антагонизмот помеѓу добриот, мудар, сакрален, канонизиран, библиски народ и владејачката класа политичари која го смени името, која е омразена, која народот ќе ја суди за заговор и предавство. „Слушајте го народот, народот најмногу знае, јас сум му слуга на народот, сега го запознав нашиот народ, никогаш нема да изговорам Северна Македонија, паѓам на колена пред вас Македонци“.

Овие популистички слогани ги чувме и на неодамнешните претседателски избори. Доколку е неопходно, ќе се измислуваат нови вертикални и хоризонтални непријатели на народот, предавници кои ја продале Македонија на белосветските мангупи. Ако треба, ќе се шират и други надреалистички теории на заговор. Сето ова трансформирано во политички систем се нарекува популократија – систем кој доколку не служи меморијата го преживувавме меѓу 2006 и 2016.