Популацискиот проблем на Македонија

НИКОЛА ПОПОВСКИ

Едни од најважните традиционални белези на населението на европскиот континент, на кој припаѓа и Македонија, се дека населението на континентот припаѓа на белата раса и со текот на историјата се христијанизирало. Тие два белега денес не се променети, но се под притисок и закани дека во иднина можат да се променат и со тоа да се промени и популацискиот лик на континентот. Имено, народите во Европа имаат сериозни проблеми со својот природен прираст и заради тоа, а за да го одржат нивото на во светски рамки енормно високите економските активности, тие се принудени да привлекуваат население и особено работна сила од останатите делови на светот, претежно од јужните и источните региони и континенти. Тоа население има поинакви расни и верски белези од традиционалното европско, па покрај посакуваните економски, предизвикува и други помалку посакувани трансформации на континентот. Тоа, пак, од своја страна, доведува до пошироки политички и општествени тензии на континентот што директно води кон преструктуирање на политичката сцена во Европа која, покрај „Брегзит“, води и во насока кон јакнење на екстремно десните, националистичките и христијанските политички движења и партии. Проблем што сигурно нема туку-така да го снема од континентот.

Од овој агол гледано и нашата земја во сегашноста се соочува со слични, иако не целосно идентични проблеми што во подалечна иднина можат да станат многу слични. Имено, Македонија денес е соочена со секојдневно намалување на населението што живее и работи на нејзината територија. Официјално, земјата преку своите институции сè уште дистрибуира податоци дека бројот на населението е нешто над 2 милиони, иако сите знаеме и знаат дека тие податоци се целосно невалидни и дека де факто не можат да послужат за ништо сериозно. Всушност, индиректни потврди од институциите за ова добиваме секојдневно – бројот на гласачите што живеат во земјава наспроти оние што се на гласачкиот список, бројот на осигуреници во Фондот за здравствено осигурување наспроти бројот на населението, запишаните ученици во основно и средно образование наспроти бројот на родени деца според матичната книга на родените, апсолутниот број на невработените лица наспроти очигледната висока невработеност итн.

Намалувањето на бројот на населението кај нас се должи на два важни фактори, и тоа – сериозно намалената стапка на природниот прираст во земјава и континуираниот и квантитативно голем механички одлив на населението во странство, односно иселувањето.

Да разгледаме некои важни елементи на двата фактори. Прво за природниот прираст. Секому е јасно дека тој е драматично намален и дека само прашање на време е кога од позитивен (поголем број на родени одошто починати лица, односно повисок наталитет од морталитет во текот на една календарска година) ќе премине во негативен (обратно од претходното). На пример, во 2018 година, годишниот природен прираст на населението, според виталните статистики објавени од страна на ДЗС, а на кои можеме да се потпреме поради фактот што тие се преземаат од матичните книги на родените и умрените на соодветните државни институции, изнесува само 1.723 лица. Поточно во 2018 година во Македонија има 21.666 живородени бебиња и 19.943 починати лица. Овој тренд веќе со години, па и децении е во истата насока и сè повеќе се динамизира, така што е само прашање на време (веројатно за неколку години) кога ќе констатираме дека и во Македонија, како и во најголемиот број, ако не и во речиси сите европски држави, природниот прираст на населението е негативен. За споредба, пред само 20 години, односно во 1998 година, се родени 29.244 бебиња, а починале 16.870 лица, со што природниот прираст бил 12.374 лица. Разликата е огромна.

Ваквото природно движење на населението со типични карактеристики на негово постојано бројчано намалување и релативно забрзано стареење ќе ни создава многу проблеми во врска со некои економски активности во иднина: можна сериозна нерамнотежа меѓу посакуваното ниво на дополнително производство и ниво на дополнителна потрошувачка; секторски преструктуирања што најмногу ќе ги погоди земјоделството, градежништвото и индустријата; можна обратна од сегашната нерамнотежа на пазарот на работната сила, особено потребите од замена на активното население; преструктуирање на јавните и приватните дејности и инвестиции во секторите на детската заштита и грижа, образованието, здравството, пензиското осигурување, промена на режимите за времено и трајно вработување на странци и многу други.

Дополнителен проблем е што овие витални промени носат и промени во социолошките карактеристики на населението. Имено, денес природниот прираст во Македонија е позитивен само во општините и регионите каде што живее доминантно или целосно население од муслиманската вера, а во оние општини каде што доминантно или целосно живее население од христијанската вера природниот прираст веќе извесно време е стабилно негативен.

Вториот фактор на промените во насока на намалувањето на апсолутниот број на населението во земјава, односно иселувањето, е можеби исто толку важен. За него не постојат ниту официјални ниту други податоци, но се среќаваат некои неофицијални проценки. Можеби не треба да се шпекулира, но сепак тој број секоја година е голем. Особено е значајно што се иселува помладата популација, која со себе ги иселува и, така да се каже, своите идни и сè уште неродени деца. Имено, иселувањето на женската популација во периодот на нивната фертилност со себе повлекува уште поголеми популациони проблеми. Показател за тоа се податоците за запишаните и завршените ученици во основните и средни училишта и запишаните студенти на универзитетите. Тие податоци се прецизни и на нив можеме да се потпреме, а тие, за жал, покажуваат дека бројот на родените деца од секоја генерација отстапува од бројот на запишани и завршени ученици од истата генерација за неколку илјади. Таа разлика се бројот на иселените деца, се разбира заедно со своите родители, чиј број по правило би требало да е ист или двојно поголем. Убав пример за тоа е официјалниот податок за бројот на завршени средношколци во тригодишно и четиригодишно средно образование во земјава во учебната 2017/2018 година. Вкупно завршиле 925 средношколци во тригодишно и 17.298 средношколци во четиригодишно образование или вкупно 18.223 средношколци. Во 1999 и 2000 година, односно пред 18 години кога се родиле овие средношколци нивниот број бил 27.309 и 29.308 живородени респективно. Да претпоставиме дека еден многу мал дел од нив починале или не се запишани во задолжителното средно образование, но сепак разликата е околу 10.000 средношколци што недостасуваат. Тоа е 1/3 од генерацијата, а таков е случајот со сите генерации и тоа се всушност иселените од само една училишна генерација. Секоја година по толку и плус нивните родители нè водат кон поразувачката бројка на огромното иселување од земјава во странство пресметано само по овој критериум.

Што да се направи за да се спречи или барем ублажи овој многу сериозен проблем на природно намалување и едновремено големо иселување на населението од земјава? Одговорот е многу сложен и бара многу темелни и долгорочни решенија за кои, се чини, никој во земјава ниту сака темелно да ги проучува, а уште помалку да ги решава.

 

 

loading...