Помеѓу лажните надежи, очајот и ангажманот


ЗДРАВКО САВЕСКИ

Циркусот, по повеќе од три месеци одвлекување на вниманието на народот, заврши. Избран е претседател на државата. Естаблишментот може да здивне. Мисијата успешно заврши.

Избран е Стево Пендаровски. Со најмалку освоени гласови од сите досегашни претседатели. Со 173 илјади гласа помалку од гласовите „за“ на референдумот пред половина година, со 87 илјади гласа помалку од изборниот резултат на СДСМ и ДУИ на изборите пред две години. Но, избран е.

Излезеноста беше многу важна. Зашто станува збор за избори со цензус, кои можат да пропаднат ако не гласаат доволен број граѓани. И не само тоа. Излезеноста беше индикатор и за тоа колку луѓето се подготвени сè уште да им го даваат својот глас на партиите кои владеат во Македонија во последните три децении. Барем и како за „помало зло“. Во првиот круг излезеноста беше ризични 42 проценти. Само 30 илјади граѓани да гласаа помалку во вториот круг во однос на првиот – изборите ќе беа неуспешни.

Најголемиот страв на естаблишментот сепак не се оствари. Во вториот круг гласаа дополнителни 91 илјади граѓани во однос на првиот круг. Излезеноста, од ризични 42 проценти, се искачи на безбедни 47 проценти. Уште еднаш системот ја демонстрира својата резистентност на промени.

Во првиот круг бројките беа многу поразителни за СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие на своето конто укнижија дури 335 илјади гласа помалку отколку на парламентарните избори пред две и пол години. За две и пол години го изгубија секој трет гласач, толку алармантна е таа бројка. Луѓето не излегуваа да гласаат, го поништуваа гласачкото ливче, гласаа за единствениот трет кандидат, Блерим Река. Тоа најавуваше дека во вториот круг можеби ќе биде разбиен маѓепсаниот круг, дека можеби конечно граѓаните ќе ја покажат својата моќ над партиите што ги крадат сите овие години.

Тоа не се случи. Навистина, и во вториот круг СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ укнижија 164 илјади гласа помалку од парламентарните избори во 2016 година и 119 илјади гласа помалку во однос на вториот круг од претседателските избори во 2014 година. Тоа несомнено е драстично намалување. Но, потрес? Не дојде до тоа.

Многу веројатно главната причина за зголемената излезеност во вториот круг е тесниот резултат во првиот круг. Дополнително луѓе излегоа да гласаат за Пендаровски за да не победи ВМРО-ДПМНЕ и дополнително луѓе излегоа да гласаат за Силјановска за да не победи СДСМ. Уште еднаш влегоа во старата матрица на гласање за „помалото зло“, мислејќи дека нешто менуваат ако гласаат за едниот или за другиот. А реалната ситуација: ниту со Пендаровски нешто крупно ќе се промени, ниту со Силјановска нешто крупно ќе се променеше.

Иако естаблишментот се провлече и на овие избори, иако губитокот на „само“ сто и нешто илјади гласа во однос на претходните избори не е страшен, ситуацијата фактички е посложена. Првиот круг покажа дека на многу граѓани кои обично излегуваат на гласање веќе им е преку глава и од едните и од другите. И дека гласањето за „помалото зло“ почнува да крахира. Тесниот резултат беше мотивот зошто многу луѓе, и при такво расположение, сепак ја променија својата одлука и излегоа да гласаат во вториот круг. Тоа наизглед покажува дека сè останува горе-долу исто. Но, треба да се разликува минливото од трајното. Минливото во случајот е дека значителен број луѓе пак постапија како претходно, но трајното е дека се трупа незадоволството не само од едните или од другите, туку заедно и од едните и од другите! Незадоволство кое далеку од тоа дека со гаранција ќе може да се контролира и понатаму така лесно како досега.

Големиот проблем што нè спречува да тргнеме напред, причината зошто тонеме веќе три децении, е што многумина лесно се подведуваат на лажните надежи. Ќе ги замениме ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ, после ќе ги замениме СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ, после одново истото. И секогаш тоа со нова надеж: ќе ги казниме тие на власт и со другите ќе тргнеме напред, барем за некој милиметар. А по изборите – пак истото. Луѓето различни, практиките исти. Ама на следните избори, повторно истото: повторно нови надежи за подобро, повторно истото однесување – казнување на првите со вторите. А вторите, исто како и првите – во служба на капиталот, со корумпирани врхушки и партиски војници кои одработуваат за да фатат некоја коска за себе. Маѓепсан круг!

Но овој пат, првпат, голем дел од луѓето, барем во првиот круг, покажаа замор од вртењето во маѓепсаниот круг. Првпат сфатија дека полагањето надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде подобар од СДСМ или дека СДСМ ќе биде подобар од ВМРО-ДПМНЕ е – празна надеж. Првпат навистина го почувствуваа она што постојано го кажуваат, но никогаш до крај не веруваат во тоа: дека се исти и едните и другите, дека единствено ги интересира фотелјата, дека после изборите ги забораваат изборните ветувања. И сега одбија да соработуваат, одбија да бидат влечени за нос. За првпат во поголем број.

Состојбата на која преминаа, воопшто не е позитивна сама по себе. Но, сепак може да биде чекор напред во однос на претходната. Таа е состојба на широко раширена апатија, која допира и до очајот. А очајот – воопшто не е добра состојба. Луѓето прибегнуваат кон лажните надежи токму за да не се соочат со очајот. Едноставно луѓето бараат нешто на што ќе се потпрат, зашто очајот, барем на подолг рок, е неиздржлива ситуација. Најлесно бегство од очајот им нудат празните надежи. Но и тие имаат рок на траење. Ќе те крене надежта, но кога таа е лажна, ќе те тресне од земја. Ќе бидеш бесен поради тоа, па ќе прибегнеш кон нова лажна надеж. А кога ќе ти се повтори истото, можеш пак целиот процес да го почнеш од почеток. А потоа уште еднаш и уште еднаш. Но, сето тоа сепак психички исцрпува. Па на крајот, по неколку циклуси лажни надежи, веќе можеби ќе кренеш раце и ќе се оддадеш на апатијата и очајот.

Тука сега се наоѓаат многу наши сограѓани. После полагањето надеж во СДСМ дека ќе бидат подобри од ВМРО-ДПМНЕ и обратно, после казнувањето неколкупати на вторите со првите и обратно, веќе многумина кренаа раце или се на пат да кренат раце. Во која насока ќе отиде сето тоа, уште не може да се знае. Очајот ретко кога е подолготрајна појава. Не е исклучено повторно, на пократок или подолг период, да продолжиме да се вртиме во веќе добропознатиот маѓепсан круг, учествувајќи во заменувањето на едната корумпирана врхушка со другата. Можно е и полагањето на празни надежи во СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да го замениме со полагање празни надежи во некоја нова партија, реално иста како и досегашните. Ама, можно е и конечно да свртиме нов лист, да сфатиме дека залудно е да чекаме спасители, дека со скрстени раце подобрување не може да се очекува, дека треба и самите да се вложиме ако сакаме да видиме промена, а не замена.

Ова третото е тешко, но не е невозможно. Во моментот многумина единствената реална надеж за подобар живот ја гледаат во иселувањето. И тоа навистина е единствената реална надеж за подобар живот во моментот, за сите оние што не се партиски војници на партиите на власт или газди што шуруваат со секој што е на власт. Но сите нема да успееме да се иселиме. А тие што ќе останеме или ќе останат, ќе се соочуваат и понатаму со опциите да полагаат лажни надежи, да тонат во апатија и очај, да станат и самите партиски војници или, сакале или не, самите да се потрудат да го подобрат својот живот.