Политико: Секнува воената помош на Европа за Украина
Шест големи европски земји не му понудиле никаква воена поддршка на Киев во јули, за првпат од почетокот на руската инвазија на Украина. Ова го пренесува „Политико“, повикувајќи се на податоци на Институтот за светска економија во Кил, кој ја оценува воената, финансиската и хуманитарната помош што и се дава на Украина, во рамките на проектот „Тракер за украинската поддршка“.
Според шефот на проектот, Кристоф Требеш, од крајот на април постои тенденција за намалување на износот на воената помош за Украина од европските земји. Требеш рече дека на 11 август земјите донатори кои учествуваат на конференцијата „Копенхаген-Украина 2022“ се согласиле да одвојат 1,5 милијарди евра за купување оружје за Киев, но износот изгледа „незначителен во споредба со она што беше објавено на претходните конференции“. Иако непријателствата влегоа во критична фаза, „новите иницијативи за помош пресушија“, вели тој.
Требеш, исто така, истакна дека Европската унија посветува многу повеќе средства за справување со последиците од пандемијата на коронавирус или кризата во еврозоната отколку за помош на Украина. Како пример, тој го посочи Европскиот фонд за закрепнување (ЕРФ), кој располага со 800 милијарди евра, додека „вкупната европска помош за Украина досега е само мал дел од оваа сума“.
Откритието е знак дека, и покрај историските промени во европската одбранбена политика, кои доведоа до тоа што некогаш неволните земји како Франција и Германија и дадоа оружје на Украина, воената помош за Украина може да заврши токму кога Киев започнува решителна контраофанзива. Новите податоци ги опфаќаат Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија, Италија и Полска. Тие ја илустрираат точката што украинските воени функционери и политичари постојано ја истакнуваат: дека големите европски сили не успеваат да ја усогласат воената помош со нивото на САД, и дека откако беа главни во иницијативите, на Британија и на Полска можеби им се исцрпуваат можностите. Летонскиот министер за одбрана Артис Пабрикс неодамна изјави дека земјите како Франција и Германија треба да направат повеќе за борбата на Украина против Русија.
„Ако сакаме војната да заврши што е можно поскоро, тие треба да се запрашаат дали прават доволно?“, рече тој.
Пабрикс ги повика европските земји да обезбедат пропорционално финансирање на ниво слично на неколку земји од Централна Европа, со именување на Полска, Словачка и Чешка.
Поранешниот шеф на естонската одбрана Рихо Терас, кој сега е член на Европскиот парламент, рече дека Европа мора да се „разбуди“, велејќи дека нема да има мир додека Русија не биде поразена.
„Стотици луѓе умираат секој ден, не само војници, туку и жени и деца“, рече тој. „Луѓето навистина не разбираат дека сме во војна“.
Германија, особено, се соочи со остри обвинувања дека се движи премногу бавно во спроведувањето на многу рекламираната размена на тенкови со нејзините европски соседи, што ги натера тие земји потоа да испратат свои тенкови од советската ера во Украина. Берлин го бранеше својот пристап и постојано укажуваше дека испораките на оружје се редовни.
Даниел Воет, европски одбранбен аналитичар на Универзитетот Врије во Брисел, рече дека ветувањата не значат ништо ако не следат во пракса.
„На Украина и требаат машини, а не жешки зборови“, рече тој.
Според Фот, следните недели и месеци ќе бидат тест за политичката и економската сигурност на Европа.
„Мораме да се надеваме дека европските производители на оружје можат да се справат со зголемената побарувачка, но мораме да се надеваме и дека владите нема да го попречат снабдувањето кога воената опрема ќе стане достапна“, рече тој.