Подготовките за државната матура се при крај – Јаневска апелира на помалку препишување
Во тек се подготовките за реализацијата на државната матура во општините во земјата и активностите се во завршна фаза. Останува да се средат набљудувачите и тестаторите и да пристапат како лани на одржување на државната матура – истакна денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која одговараше на новинарски прашања во Штип по означувањето на почетокот на функционирање на Центарот за кибербезбедност во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Министерката Јаневска истакна дека матурантите лани, за разлика од претходните години, покажале подобри резултати и се надева дека ќе има помалку употреба на недозволени активности од учениците и со државната матура да нема никакви проблеми годинава.
Министерката за образование и наука истакна дека контролите за време на полагањето на државната матура се предвидени по процедура и, како што рече, станува збор за интегритет на луѓето што ја спроведуваат.
– Јас се надевам дека од година на година тоа ќе биде сè поуспешно – рече Јаневска.
Таа истакна дека се зголемува и бројот на училишта што ја воведуваат едносменската настава, но расте и бројот на училишта што се оптимизираат, а како што посочи Јаневска, тоа е одлична вест за нашата држава.
– Во моментот онаму каде што е најгусто населението или е најголем бројот на ученици сè уште сме во фаза на доградба на капацитети за спроведување на едносменската настава. Последното училиште што јас го посетив во правец на едносменската настава, кое ќе почне од септември, е во општина Ѓорче Петров. Но вакво нешто се случува во фази и во други општини – рече Јаневска.
Министерката за образование и наука Јаневска истакна дека досега 200 училишта во државата се преминати на едносменска настава.