Почна судењето за злоупотребата на ИПАРД фондовите
Во Кривичниот суд почна судењето за поткупот поврзан со ИПАРД фондовите од Агенцијата за поддршка на земјоделството. На обвинителна клупа седна Џевдет Насуфи, сопственик на фирмата која аплицирала за средства од програмата и обвинет за дaвање поткуп. Тој е во домашен притвор. Од затворот Шутка беше донесен директорот на Агенцијата Илија Стоилев, кој според обвинението примил дел од ветениот поткуп, а обвинети се и Јасмина Костадинова, Фејзула Фејзула и Амед Фејзула за примање награда.
Според наводите во обвинението, првообвинетиот како управител на кривично одговорно правно лице аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и поднел барање за користење финансиски средства преку ИПАРД програмата. Бидејќи не ги исполнувал пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка.
Обвинителството тврди дека со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош во целост да биде одобрен, управителот во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата му бил ветен подарок од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени по 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука која не смеела да биде донесена.
Обвинетите службеници во Агенцијата, постапувајќи спротивно на своите службени обврски, овозможиле незаконско одобрување на апликацијата. Тие, при обработка и контрола на документацијата, извршиле погрешна пресметка на исполнетоста на условите и врз основа на некомплетна документација го изработиле, контролирале и одобриле Образецот за контрола на комплетност на договорот, а потоа и Решението за одобрување на финансиска поддршка.
Второобвинетиот во Обвинителниот акт, иако бил свесен дека правното лице не ги исполнува законските услови, го потпишал решението со намера да го прими ветениот подарок.
Поради неизменетите околности, законските основи поради кои на четворицата обвинети им беше определена мерка притвор, а на едно лице мерка куќен притвор, сè уште постојат, па со обвинението до судот е поднесен и предлог за продолжување на изречените мерки. За обвинетите државни службеници со посебен предлог се побарани мерки на претпазливост: забрана за вршење службени активности поврзани со кривичното дело во Агенцијата, одземање на патните исправи и обврска за повремено јавување кај надлежен орган.
На денешното подготвително рочиште, одбраната побара увид во обемниот доказен материјал. Обвинителството, застапувано од Наташа Поп Трајкова, достави дури 16 кластери со докази, меѓу кои видеоматеријали од надзорни камери и вештачења на електронски уреди.
Судењето продолжува на 30 април, откако судијката Ленка Давиткова им овозможи на адвокатите дополнително време за подготовка.
Вчера, во пресрет на судењето, министрите Тимчо Муцунски и Цветан Трипуновски беа во Брисел и разговараа за одблокирање на ИПАРД фондовите што се замрзнати поради овој скандал.