Победата и поразот како утешение грешним


ЕРОЛ РИЗАОВ

Најлесно е да се прогласи победа пред избори. Особено на незавршени избори, кога има втор круг. Тоа на учесниците во натпреварот и на партиските лидери им е пресуден и најважен дел од кампањата да прикажат пред јавноста дека противникот е поразен. Да ги охрабрат своите симпатизери и неопределените кои се најмногубројната „партија“ да му се приклучат навреме на победникот, да бидат дел од триумфот.
Затоа се случува две, некогаш и три или повеќе страни, да прогласат победа. Така е и со првиот круг на македонските претседателски избори. Едните броеја гласови, другите општини, третите припадници на нации кои им го дале гласот, четвртите чекаа во заседа да ловат непречено во вториот круг. Сите се задоволни од големата, иако недовршена победа. Сè на сè, едно невидено јавно лицемерство, од големата среќа што победата и поразот се прикажани како простување на гревовите, грабежот, криминалите и еднодецениската тиранија како едно масовно утешение грешним. Всушност, се работи за прикривање на паничниот страв кај политичките лидери од крајниот резултат кој е неизвесен. Демек, еве, рајата им прости сè на поранешните властодршци, сите маки и страдања. Заборавени се сите злодела и нанесени несреќи кои се толку големи што не би ги простил ни папата Франциско со јавна исповед на скопскиот плоштад и тоа со платени индулгенци.
Љубомир Фрчкоски вели дека Македонците се како рибите, паметат три секунди и веднаш забораваат, дури и кога се жртви на тортура цела деценија. Има вистина во тоа, но дали е секогаш така ќе видиме во последниот круг. Има работи што не можат и не смеат да се заборават.
ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова и пред и по првиот круг се самоинаугурираа во претседател на државата, мајка на сите граѓани, која јавна на бранот на правдата, ама не за сите. Под правда за Македонија тие подразбираат прво слобода на криминалниот врв на режимот на Груевски, што за Силјановска е неправда. Мицкоски и Силјановска деновиве бројат и бојадисуваат македонски општини во црвена боја. Ја навлекоа јагнешката кожа и ја ставија маската на римскиот бог Јанус со две лица и од тврдокорни патриоти се претворија во демократи.

Сега се подготвени за компромиси со Албанците и со сите други за истите прашања кои до пред неколку дена беа катастрофално опасни за опстојување на македонската нација. Упатена е насмевка кон депримираните социјалдемократи и кон разочараните болшевици и шарените револуционери. Сега, таа некогашна багра и соросоиди кои уништуваа државен имот се добри момци излажани од ненародната и корумпирана власт на Зоран Заев и неговиот картел. Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Давкова со две раце ќе го потпишат и Преспанскиот договор и Законот за јазиците и сето она што не го потпишуваше досегашниот претседател Ѓорге Иванов. Подготвени се да ги прифатат сите предуслови на Брисел, заедно сосе Северна Македонија, за почнување на преговорите за членство во ЕУ. Тоа што е договорено нема да се чепка. Нема ни точка ни запирка да се менува. Што ти е прагматична битка за власт.
Зоран Заев и Стево Пендаровски со врвот на СДСМ уште не можат да дојдат на себе од големата „победа“ само со половина од гласовите од референдумот кои мислеа дека им се безбедни во партискиот сеф. Некој изгледа често го отворал кришум сефот и поарчил половина од гласовите. Ако не ставаш нешто во касата, а сите трошат многу, бргу нема да остане ништо.
Што се однесува до истражувањето кои се разочараните социјалдемократи, тоа не е тешко да се открие. Сите што сакаат и Зоран Заев да биде како Никола Груевски се многу разочарани и лути на власта. Ништо не направија, не ги бива за ништо, не ги избркаа од работа вмровците, не ги вработија своите револуционери, не ги приграбија медиумите, ја оставија МРТ како страшило од јавен партиски сервис на опозицијата платена од буџетот да плука по власта, никој од големите криминалци не е во затвор, ги спасија пратениците кои гласаа за уставни промени заради НАТО и ЕУ, ги купија како на ат-пазар истите транзициски и партиски олигарси кои ги корумпираат сите партиски раководства. Ништо нема од определбата живот за сите, во оваа држава само за вмровците има живот, дури и кога се опозиција. Ете ова се причините на разочараните социјалдемократи и шарените револуционери. Прифаќањето на политиката на одмазда и цврста рака е најпогрешната работа што може да се направи по цена дури и да се загубат изборите. Заев како Груевски е најстравотната проекција за залудноста на уривањето на 11-годишниот режим.
Пред да ја земе Заев метлата за чистки добро е прво да ги укине прогласените мораториуми што го кочат развојот на земјата. Не постои мораториум во правото. Законските одлуки на претходната власт треба да се спроведат, или ако се штетни по законски пат да се поништат и да се плати штетата. Мораториумот, читај – ништо да не се прави со почнатите работи, е најлошата политика. Тоа го прават само влади без самодоверба. Треба да се отвори широк фронт за домашни, а не само на странски инвестиции. Значајни се странските вложувања, но уште позначајни се домашните.
Прашува ли некој што се случува во сите општини, и тие 56 што ги освои СДСМ на последните избори, но и опозицијата и коалициските партнери. Очигледно таму малку се работи, но дали само поради неспособноста на градоначалниците, или и на Владата, односно на централната власт.
Казната за потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, Договорот за добрососедство со Бугарија и законот за јазиците е пресметана и прифатена жртва, но другите грешки се опомена која не е вкалкулирана како сериозна закана да се изгуби власта во една многу деликатна фаза кога треба да се почнат преговорите со ЕУ.

И конечно, искуствено проверено, политичката борба не се добива само со припадност кон ЕУ и НАТО. Поточно, иако се историски достигнувања не се доволни за изборни победи. Едно е историја и иднина, а друго сегашност. СДСМ ја губи битката со тие што заговараат амнезија, да се заборават злоделата на Никола Груевски и неговиот режим. Не се спротивставија енергично и јавно издржано на изедначувањето на режимот на Груевски и семејството со грешките на власта во изминатите две години. Разликите се немерливи според тежината на злоупотребите и последиците од груевизмот. Првите зборови во предизборната кампања на големиот борец за правда Гордана Силјановска-Давкова беше обидот да го амнестира и заборави груевизмот со прогласување на „пострашниот заевизам“. Социјалдемократите и медиумите тоа го прифатија како сеир и политички прагматизам. Страшно и срамно да ги изедначиш жртвите со нивните џелати.