Планот на Трамп за Иран: Продолжува блокадата и нема бомбардирање
„Волстрит џорнал“ објавува дека претседателот мисли оти со стратегија на исцрпување ќе го натера Техеран да попушти во преговорите
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, им рекол на своите соработници да се подготват за продолжена блокада на Иран, објави „Волстрит џорнал“, повикувајќи се на американски официјални лица.
На неодамнешните состаноци, Трамп одлучил да продолжи да врши притисок врз економијата и извозот на нафта на Иран со блокирање на превозот до и од неговите пристаништа, се вели во извештајот, истакнувајќи дека тој сметал дека другите опции, вклучително и продолжување на бомбардирањето или напуштање на конфликтот, носат поголем ризик од одржувањето на блокадата.
Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди наводите во извештајот. Вчера беше објавено дека Иран им предложил на Соединетите Држави повторно да го отворат Ормускиот теснец и да ја прекинат војната, но на Трамп не му се допаѓа предлогот.
Тој објави на својата социјална мрежа „Трут соушл“ дека Иран го информирал дека земјата е во состојба на колапс. Во објавата се додава дека Иран бара што е можно поскоро отворање на Ормускиот теснец, додека се обидува да ја реши ситуацијата со лидерството.
Изјавите на Трамп се соочуваат со сè поголеми критики. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека САД се „понижени“ од Иран, сугерирајќи дека Техеран ја надмудрува администрацијата на Трамп во преговорите пшто се во застој.
Последната анкета на Ипсос, исто така, покажа дека поддршката за американскиот претседател паднала на најниско ниво во неговиот тековен мандат, бидејќи Американците се сè повеќе незадоволни од растечките трошоци за живот и непопуларната војна со Иран.
Просечните цени на горивата во Соединетите Американски Држави, исто така, се искачија на највисоко ниво од почетокот на војната со Иран, поради страв од продолжена енергетска криза, додека Вашингтон и Техеран се чини дека се во ќор-сокак околу предлогот за повторно отворање на Ормускиот теснец и прекин на двомесечниот застој.
Иранските власти објавија детали за повеќестепениот предлог што Техеран наводно го испратил до Вашингтон. Според овој план, прво би се преговарало за отворањето на Ормускиот теснец, додека чувствителното прашање за збогатувањето на ураниумот на Иран би било оставено настрана додека не заврши војната и не се решат споровите околу поморскиот сообраќај во Заливот, пишува Ројтерс.
Првиот чекор бара од САД и Израел да ги запрат нападите и да гарантираат дека нема да ги продолжат. Во втората фаза, двете страни би ги укинале блокадите на Ормускиот теснец. Ова би ја ослободило трговијата преку една од клучните светски бродски линии, која Иран сака повторно да ја отвори под своја контрола.
Конечно, третиот чекор вклучува преговори за нуклеарната програма на Иран, при што Техеран бара американско признавање на неговото право да збогатува ураниум. Портпаролот на иранското Министерство за одбрана, Реза Талаеи-Ник, вчера исто така изјави дека Вашингтон „мора да се откаже од своите нелегални и ирационални барања“. Трамп рече дека не му се допаѓа планот.
Тој исто така изјави дека во моментов прави со Иран она што, според него, другите земји и претседатели требало да го направат одамна. „Во моментов правам нешто со Иран што другите земји или претседатели требало да го направат одамна“, рече тој на својата социјална мрежа.
Според анкетата на Ројтерс/Ипсос, рејтингот на одобрување на претседателот Доналд Трамп падна на најниско ниво за неговиот тековен мандат. Само 34 отсто од Американците ја одобруваат работата на Трамп во Белата куќа, а на почетокот на неговиот мандат, рејтингot на одобрување беше 48 проценти.
Поголемиот дел од испитаниците беа испрашани пред пукањето во саботата навечер за време на вечерата на Здружението на дописници во Белата куќа. Според студијата, Американците се сè повеќе незадоволни од начинот на кој управуваат со трошоците за живот и непопуларната војна со Иран.
Неговата популарност сериозно настрада поради скокот на цените на горивата, предизвикан од војната.
Само 22 отсто од испитаниците го одобруваат работењето на Трамп во однос на трошоците за живот, што е пад од три процентни поени за помалку од еден месец.
Цените на бензинот во САД скокнаа за повеќе од 40 проценти на приближно 4,2 долари за галон од почетокот на воениот конфликт со Иран.
Трамп ги доби претседателските избори ветувајќи дека ќе ги намали цените по неколку години висока инфлација, која погоди многу земји низ целиот свет по завршувањето на пандемијата.
Во моментов, рејтингот на Трамп за начинот на кој се справува со економијата е 27 отсто. Тој е понизок од најнискиот рејтинг на Бајден според овој индикатор.
Едвај 34 проценти од Американците ја одобруваат американската војна со Иран.
По острите критики на германскиот канцелар Фридрих Мерц за американската офанзива против Иран, американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот одговори со жесток вербален напад.
„Тој нема поим за што зборува! Ако Иран имаше нуклеарно оружје, целиот свет ќе беше заложник“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушл“. „Во моментов правам нешто со Иран што другите земји или претседатели требаше да го направат одамна“, напиша тој. „Не е ни чудо што Германија се справува толку лошо, и економски и на друг начин!“
Тој го обвини Мерц дека се согласува дека Иран треба да има нуклеарно оружје и го пофали сопствениот пристап.