За што се залага ДУИ: За пазарна економија или за државен интервенционизам

Мерките што ги презентира ДУИ се поставени на пет столба, или како што ги нарекуваат – заложби

Најмалку една плата за секое семејство, нула отсто персонален данок за секој вработен за прв пат под 35 годишна возраст, грантови од 20 илјади евра за секој млад земјоделец, пет до десет илјади евра за купување опрема…, се само дел од мерките на ДУИ

 

Мирче Јовановски

Пазарна економија или државен интервенционизам – од ова клише што го нудат политичките партии во своите предизборни програми не се издвои ниту Демократската унија за интеграција, која оди и чекор напред (или назад – зависи од перспективата). Една од мерките – најмалку една плата во секое семејство е само модификација на легендарниот предлог „по еден вработен од секое семејство“ од времето на Бранко Црвенковски, кој никогаш не се оствари.

Ова е една од 25-те мерки за првите 100 дена Влада што ја претстави ДУИ и која што според обемот делува прилично скромно за партија што претендира да го номинира идниот премиер. Другите две партии кои исто така го сакаат премиерското место, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, понудија многу повеќе, едната распостилајќи ја визијата за наредните четири години на дури 268 страници со мерки, бројки и проекти, а другата со прецизно изборени 1.000 проекти и плус преодна стратегија за првите 100 дена за излез од економската криза.

Но, можеби самата бројка на мерките со кои што излезе ДУИ во моментов не е најголемиот хендикеп (Бујар Османи во Само интервју на Канал 5 изјави: „Ние имаме сериозна економска програма, нашата програма е од 180 страници“), колку што се тоа некои од мерките кои повеќе влечат кон силно влијание на државаата во стопанството отколку што значат изградба на пазарно стопанство, како што тоа ќе налагаат преговорите за членство во ЕУ. Или, како што вели еден економски аналитичар: „Сите предлагаат намалување на даноци и зголемување на субвенции – тое едно со друго не оди. Тоа се крајно несериозни работи“.

Мерките што ги презентира ДУИ се поставени на пет столба, или како што ги нарекува Османи – заложби. Првите две се насочени кон остварување политички цели (иако и тука некои ќе имаат сериозно влијание врз економските текови во државата), додека во следните три фокусот е врз економијата и одредени социјални мерки.

Така во делот наречен Економска ренесанса за сите, на прво место е заложбата за најмалку една плата за секое семејство; потоа нула отсто персонален данок во период од три години за секој вработен за прв пат кој е под 35 годишна возраст, нула данок на добивка во период од три години за секое самовработено лице под 35 годишна возраст; еден од предлозите е Владата да субвенционира 50 отсто од социјалните придонеси во наредните три години за секое ново вработување што ќе го подобри фер и соодветното претставување на сите етнички заедници во приватните претпријатија; секој бизнис да добие субвенција од бруто месечната плата во текот на следните три години за секој нов вработен под 35 годишна возраст со тригодишна гаранција за работа и мерката со која би се доделувале 5.000- 10.000 евра за купување опрема потребна за мали, средни и занаетчиски претпријатија.

Една од дилемите е во која мерка ДУИ ќе инсистира нејзините заложби да влезат во идната владина програма, или да бидат нејзина основа, како што условува на чело на Владата да биде нејзиниот шпицен кандидат Насер Зибери

Во следната група мерки (Бидете најдобри за сите), ДУИ, меѓу другото предлага скратено време во петок со цел, како што велат, да се обезбеди повеќе време за себе и за семејството, а на таков начин ќе се зголемела и продуктивноста. Партијата не успеа да одолее на бранот кој ги зафати партиите да ветуваат големи плати, па така ДУИ се залага за минимална плата од 600 евра за секоја медицинска сестра, наставник и воспитувач. Тука се и мерките за изградба на „здравствени куќи“ во секоја општина, социјална пензија за оние жени кои немаат работна пензија, национална програма за еко развој, амбициозен проект за модернизација кој овозможува секое семејство да има вода за пиење и секоја општина да има канализациски систем, како и закон за забрана на казина и коцкарници на растојание помало од 1 км од училишта, градинки и цркви и џамии.

Во делот посветен на можностите за млади семејства, ДУИ предлага грантови од 20 илјади евра за секој млад земјоделец под 35 годишна возраст, државен заем до 20 илјади евра за младите луѓе да купуваат станови и куќи, задолжително образование од предучилишна возраст и градинка за секое дете, стручно училиште во секоја општина и фонд за поддршка за иновации, претприемништво и младински вештини.

Инаку, покрај економските мерки ДУИ има и повеќе предлози кои навлегуваат во политичкиот систем, но кои исто така дел имаат и силно економско влијание. Во првиот сет наречен Држава на еднаквите влегува консензуално донесување одлуки во десетина стратешки државни институции (Националната агенција за безбедност, Агенцијата за разузнавање, Биро за јавна безбедност, Државен завод за статистика, ФЗО, ПИОМ, Развојната банка, Фонд за иновации и технолошки развој, Фонд за регионален развој, ИПАРД, Државни патишта, железници, ЕСМ, МЕПСО, НЕЦ), потоа задолжителни часови по албански јазик во секое училиште почнувајќи од 5 одделение, еднаква дистрибуција на јавните инвестиции (големите економски одлуки – Буџет, инвестиции, даноци не можат да се донесат без поддршка од мнозинството членови на албанскиот кабинет), прогласување на 3 август, денот на потпишување на Охридскиот договор за национален празник, како и промена на химната за да ја отслика мултиетничката и мултикултурната реалност на земјата.

Во вториот дел наречен Правда за сите се предвидени основање суд за еднаквоста – истрага за државна дискриминација, потоа задолжително проверување на секој политичар, судија и државен службеник преку формирање независна комисија за проверка на способноста и интегритетот на секој што е назначен за јавна функција и задолжителен извештај на Судскиот совет и на Обвинителството на секои шест месеци за борба против корупцијата на носителите за јавни функции.

Како и другите партии и ДУИ само ги набројува мерките, без притоа да елаборира колку секоја од нив би чинела, како би се реализирала и од каде би се обезбедиле средства. Исто така, за јавноста останува непознато што содржат другите мерки во „програмата од 180 страници“ за која што зборувааше Османи, но која не може да се најде на официјалната интернет страница на партијата, што во прашање ја доведува транспарентноста на таквите мерки врз основа на што граѓаните би можеле да одлучуваат кому да се довери гласот на изборите.

Една од дилемите е во која мерка ДУИ ќе инсистира сите овие заложби да влезат во идната владина програма, или да бидат нејзина основа, како што условува на чело на Владата да биде нејзиниот шпицен кандидат Насер Зибери. И како тоа би функционирало во едно демократско општество во кое повеќето граѓани гласале за друга партиска програма и за други мерки, во преден план да бидат мерките на партија која освоила 10, 15 или 20 пратенички мандати.

Нема пример во светот во унитарна држава, како што со Уставот е дефинирана Македонија, со единствен монетарен систем, со единствена валута, со единствена територија, некој со 10 пратеници да предложи економска програма: Џевдет Хајредини

Поранешниот министер за финансии и одличен познавач на економските и политичките прилики во земјава, Џевдет Хајредини вели дека нема пример во светот во унитарна држава, како што со Уставот е дефинирана Македонија, со единствен монетарен систем, со единствена валута, со единствена територија, некој со 10 пратеници да предложи економска програма.

Економска програма предлага мандатар што предлага влада и тој одговара пред неговите пратеници, а не пред десет пратеници. Само што авторите на таквите програми повеќе од незнаење отколку од пропагандистичко партиски цели ги пишуваат и ги верглаат по предизборните митинзи. Ниту е можен посебен Буџет во унитарна држава, неподелена територијално“, вели Хајредини. Како е можно од ДУИ како програмска цел да предложат мерка дека во секоја фамилија ќе има најмалку по една плата – буквално е земено од слична глупост која своевремено ја изнесе Бранко Црвенковски“, додава тој.

Хајредини вели дека во пазарна економија не може да се очекува Владата да вработува по некој од секое семејство.

„Тоа е негирање на елементарните законитости на пазарната економија, приватната сопственост и слободниот пазар“, вели Хајредини додавајќи дека и во минатото имало предлози кои ги нарекува карикатурални, како на пример дека владата ќе донесе одлука да гради 100 фабрики, на партијата на Владо Бучковски.

„Системски пропаднаа сите оние фабрики за кои владите или централните комитети правеа список да се градат“, вели Хајредини, објаснувајќи дека такво нешто не може да се прави во пазарно стопанство, без да се знае кој ќе одговара за рентабилноста на таквите капацитети, од каде ќе се обезбедат средства… Фабрика ќе гради тој што го ризикува својот капитал да го изгуби или да го оплоди“, вели тој.

Друго е кога станува збор за јавните инвестиции од Буџетот, односно за инвестиции во инфраструктурата или за други намени. Во овој сегмент може и во унитарна држава да се избегне територијална или друг вид дискриминација, односно да се форсира вложување во области кај што има повеќе Македонци или Албанци“, вели Хајредини.

Уценувањата не се непознати на македонската политичка сцена. Хајредини потсетува на времето кога поранешниот премиер Никола Груевски велеше дека за коалиционен партнер ќе го земе тој што ќе ја прифати програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а не дека со коалицискиот партнер ќе прави заедничка владинан програма.

Премиер-Албанец немало не затоа што до сега Ахмети немал идеја, туку затоа што некој да стане премиер треба во парламентот да добие глас од најмалку 61 пратеник, а не од 10 или 20.

И тој премиер ќе предложи економска програма на оваа унитарна држава“, вели Хајредини. „Односно, економската програма ќе ја формулира оној субјект кој ќе обезбеди мнозинство и кој ќе формира влада.