ЕБОР назначи нов директор за ЈИЕ, седиштето ќе му биде во Белград


Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го назначи Жегож Зелински за извршен директор за Југоисточна Европа (ЈИЕ) почнувајќи од 1 јуни 2026 година и активностите ќе ги извршува од седиштето во Белград – соопшти ЕБОР.

„На својата нова улога Зелински ќе биде со седиште во Банката за Југоисточна Европа во Белград и ќе ги води активностите во шест земји од Западен Балкан, Романија, Бугарија и Грција. Тој ја наследува Шарлот Рухе, која заминува во јуни во пензија откако ги управуваше целиот регион на Централна и Југоисточна Европа“, се вели во соопштението.

Како извршен директор Зелински ќе го води ангажманот на ЕБОР во регионот на Југоисточна Европа, тесно ќе соработува со јавните институции, приватниот сектор и многубројни партнери со цел подобрување на инвестициите, политичкиот дијалог и реформските активности во цела Југоисточна Европа, објави ЕБОР.

Зилински, државјанин на Полска, се приклучи на ЕБОР во 1998 година од „Ернст и Јанг“.

Во 2014 година тој беше назначен за директор за Полска, а неговите одговорности подоцна беа проширени на балтичките држави и други централноевропски земји. Во 2018 година тој стана регионален директор за Централна Европа и балтичките држави.

„Фактот што Белград станува регионално седиште на ЕБОР за Југоисточна Европа испраќа силна порака за важноста на Србија за Банката и поширокиот регион. Отсега па натаму ќе ги координираме активностите во Западен Балкан, како и во Бугарија, Романија и Грција, зајакнувајќи ги партнерствата и постигнувајќи конкретни резултати онаму каде што се најпотребни. Ова е многу позитивен сигнал за следната фаза од нашиот ангажман како за Србија така и за другите земји што ќе ги покриеме од Белград“, рече Зелински.

ЕБОР објави дека во Србија се инвестирани повеќе од 10 милијарди евра од 2001 година преку речиси 400 проекти.

Активностите на Банката во регионот на Југоисточна Европа се насочени кон развој на одржлива инфраструктура, поддршка на транзицијата кон зелена енергија, зајакнување на енергетската безбедност, подобрување на конкурентноста на приватниот сектор и забрзување на инвестициите усогласени со климатските цели, а истовремено продлабочување на политичкиот дијалог и институционалните реформи за долгорочна отпорност и инклузивен раст, објави ЕБОР.