МЕМО е чекор поблиску кон признавање на гаранциите за потекло на струја, стана член на Асоцијацијата на издавачки тела


На Генералното собрание на Асоцијацијата на издавачки тела (AIB), Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО ДООЕЛ Скопје стана полноправна членка на Асоцијацијата. Со тоа, заедно со активностите кои ги преземаат Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Секретаријатот на Енергетската заедница за взаемно признавање на Гаранциите на потекло на електрична енергија (Guarantees of Origin – GOs), помеѓу земјите на Европската Унија и земјите од Енергетската заедница, Македонија е чекор поблиску до приклучување кон Европскиот систем за издавање, пренос и признавање на Гаранции за потекло, кои претставуваат единствен и меѓународно признат доказ за потеклото на електричната енергија произведена од обновливи извори.

На Генералното собрание присуствуваа генералниот директор на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и Денко Рафајловски, раководител на Службата за поддршка на обновливи извори на енергија во МЕМО, заедно со претставници на национални издавачки тела, оператори на пазари на електрична енергија, регулатори и институции од повеќе европски држави членки на AIB.

-Со полноправното членство на МЕМО во AIB, македонскиот систем за Гаранции за потекло ги спроведува неопходните процедури потребни за натамошно приклучување кон Европскиот систем за енергетски сертификати – EECS, што ќе овозможи сигурно, транспарентно и меѓународно признато издавање и тргување со сертификати за зелена електрична енергија. Од голема важност е натамошната интеграција на домашниот електроенергетски пазар со европскиот пазар на енергија со цел отворање нови можности за производителите на електрична енергија од обновливи извори, снабдувачите и компаниите како доказ дека користат зелена енергија согласно европските ESG и декарбонизациски стандарди. Членството во AIB ќе придонесе за зголемување на довербата, конкурентноста и атрактивноста на македонскиот пазар на обновлива енергија, изјави Ѓорѓиевски.

Во април 2025 година, МЕМО, во соработка со Grexel – водечка европска компанија во оваа област, успешно го имплементираше електронскиот систем за Регистарот на гаранции за потекло, согласно правилата на EECS и стандардите на AIB.

-Од тогаш до денес издадени се 500 илјади Гаранции за потекло на електрична енергија. Секоја гаранција за потекло претставува еден мегават-час (MWh) електрична енергија произведена од обновливи извори и овозможува транспарентно следење на потеклото на енергијата – од производителот до потрошувачот. Гаранциите се тргуваат на отворени пазари и претставуваат важен инструмент за промоција на обновливата енергија и за обезбедување сигурност и избор за потрошувачите во однос на изворите на енергија. AIB претставува основа за транспарентен и ефикасен трансфер на зелени сертификати меѓу државите преку поврзување на националните регистри преку AIB Hub. Минатата година МЕМО стана член-набљудувач на AIB, како прв чекор кон полноправното членство, што е предуслов за воведување на Гаранции за потекло кои ќе бидат признати и тргувани во земјите членки на Европската Унија. Продолжуваме да градиме современ енергетски пазар усогласен со европските регулативи, рече Рафајловски.

AIB, со седиште во Брисел, е водечка европска асоцијација за енергетска сертификација, посветена на обезбедување транспарентност на европскиот енергетски пазар преку стандардизација на гаранции за потекло.

МЕМО, како што наведува, останува посветен на развој на транспарентен, ефикасен и европски усогласен пазар на електрична енергија.