ЕУ од денес воведува нови правила за Аирбнб и Букинг


Европската унија од денес воведува нови правила за дигиталните платформи за краткорочно изнајмување сместувачки капацитети, во обид да внесе поголем ред и транспарентност во секторот кој силно порасна во последните години, но во исто време го зголеми притисокот врз домувањето и локалната инфраструктура во многу туристички дестинации.

Станува збор е Регулативата (ЕУ) 2024/1028, која Европскиот парламент и Советот ја усвоија по месеци преговори за правилата за платформи како Airbnb и Booking, а која се применува од денес, 20 мај, во сите земји-членки. Регулативата воведува обврска за воспоставување единствени дигитални системи за регистрација на домаќините и обврска за платформите редовно да доставуваат податоци за активностите на домаќините до надлежните органи, вклучувајќи го бројот на ноќевања, гостите и регистрациските броеви на сместувачките единици.

Европската комисија ја предложи регулативата како дел од својата стратегија за малите и средни претпријатија и дигиталниот пазар во 2022 година, во време кога многу европски дестинации, особено големите градови како Париз и Барселона, предупредуваа на растечкиот притисок од краткорочното изнајмување врз прифатливоста на домувањето и локалните заедници. Во образложението на регулативата се наведува дека еден од клучните проблеми бил недостатокот на сигурни и стандардизирани информации за идентитетот на сопственикот на недвижнината, локацијата на сместувачкиот простор и времетраењето на изнајмувањето, што го отежнувало обликувањето на јавните политики и следењето на пазарот.

Според правилата, кои важат низ цела ЕУ од денес, земјите-членки кои сакаат да пристапат до податоците на платформата мора да воспостават единствена дигитална точка за пристап, додека платформите ќе мора да вршат проверки на регистарските броеви и да ги отстрануваат рекламите што не ги исполнуваат пропишаните услови. Податоците ќе им се доставуваат на надлежните органи автоматски, главно на месечна основа.

Известувачот на Европскиот парламент за предлогот за регулатива, холандската пратеничка од Зелените, Ким Ван Спарентак, за време на преговорите се залагаше за построги овластувања за националните власти во случаи на неточни или сомнителни податоци, вклучително и можноста за суспендирање на регистарските броеви, како и за побрзо спроведување на регулативата од првично предложената. Европскиот парламент го усвои конечниот текст во февруари 2024 година со 493 гласови „за“, 14 „против“ и 33 „воздржани“.

Како што јавува Хина, Хрватска ќе воспостави единствена дигитална постапка за регистрација на сопствениците на недвижности и задолжителен регистрациски број за секоја сместувачка единица, што ќе спречи рекламирање на нерегистрирани имоти на платформите. Министерството наведува дека платформите ќе мора да обезбедат дека огласите без валиден регистрациски број не се објавуваат, додека надлежните органи би можеле да го суспендираат или повлечат бројот во случај на неточни податоци или нелегални операции.