Партнерство и ривалитет


НАНО РУЖИН 

Париз останува симбол на романтизмот и љубовта. Кога се изговара името Париз, се мисли на Едит Пјаф и нејзината „химна за љубовта“, се мисли на Брасенс и неговите заљубени во паркот Луксембург, на шансоните на Монтан, на Жо Дасен и Индијанското лето, на Гензбург и Биркин и нивната „Те сакам – ниту јас тебе“. Париз е персонификација на романтиката и љубовта. Берлин, главниот град на Германија, е град од каде што потекнува експресионизмот симболизиран низ изразот на емоциите, градот на Бертолд Брехт и Гортфрид Бену, на архитектот Валтер Гропиус творецот на Баухаус. Меѓутоа, Берлин беше и симболот на Студената војна. Војната на стратегискиот ривалитет помеѓу капитализмот на САД и комунизмот на Советскиот Сојуз. Во Берлин беше измислен црвениот телефон по барање на Хрушчов. Во овој град Џон Кенеди ја изговори славната поддршка кон Берлин: Ich bin ein Berliner!

Половина век подоцна Париз и Берлин се главни градови на Франција и Германија моторите на ЕУ. Судбината на француско-германската двојка во последните два века е исполнета со преврати, трагедии, масовни судири и жртви и конечно со мир, толеранција и соработка. Историјата на нивната емотивна врска е долга. Во новата историја на Европа, големата приказна меѓу Франција и Германија најнапред била искована во рамките на Конфедерацијата на Рајна, од страна на Наполеон Бонапарта. Тогаш Германците им биле природни сојузници на Французите. Првиот забележан ривалитет е оној во времето на обединувањето на Германија, кога канцеларот Ото фон Бизмарк во 1871 склучил синџир сојузи за да ја изолира Франција, стравувајќи од воениот реванш. По Првата светска војна и Версајскиот мировен договор (1919) Германија беше понижена и фрустрирана од француската доминација. Сепак, министрите Густав Стресман и Аристид Брианд ја создале првата француско-германска двојка за промоција на мирот. Во 1945 по поразот на Адолф Хитлер отпочнува новиот период на германско-француската двојка. Пред поделбата на Германија (1949) Франција сметаше дека основата стратегиска закана доаѓала од нејзиниот традиционален непријател Германија. Кога Студената војна ја подели Европа на Источна и Западна, се смени и целокупниот геополитички контекст. Со Декларацијата на францускиот министер Шуман од 1950 беа поставени основите на идната ЕУ, која е создадена со Договорот од Рим 1957.

Од овој настан, француско германските односи се одликуваат со постојаното приближување и заемен респект на големите државници кои продефилирале од двете страни на Рајна. Најнапред генерал Де Гол и канцеларот Конрад Аденауер го потпишаа Елисејскиот договор од 1963 година за привилегираното партнерство помеѓу Париз и Бон. Потоа следеше фазата на двојката Жорж Помпиду и Вили Брант. Оваа епоха беше одбележена со „источната политика“ и детантот на Вили Брант. Периодот меѓу 1974 и 1982 го одбележаа Жискар Дестен и Хелмут Шмит. Корелацијата доживеала највисок степен во епохата на двојката Франсоа Митеран и Хелмут Кол и нивната историско ракување по повод седумдесетгодишнината на битката од Вердан (1984). Тоа се и години на проширувањето на ЕУ за 12 нови членки, потпишувањето на Договорот од Шенген (1985) со што се отвори простор за слободна циркулација на луѓето во Западна Европа. Во оваа епоха паѓа Берлинскиот ѕид и доаѓа до обединување на двете Германии. Во 2000-та, во времето на француско-германската двојка Жак Ширак-Герхард Шредер, беше инициран процесот Блаешхејм, со кој е утврден двомесечен периодичен состанок на врвот меѓу Парис и Берлин. Во 2008 Саркози, охрабрен од страна на Меркел, реши да ја врати Франција во военото крило на НАТО по 40 години отсуство. Двојката Саркози и Меркел ја покажа својата цврстина и околу финансиската поддршка за Грција при нејзината економска и социјална криза.

Репутацијата на француско-германската двојка во досегашната историја на ЕУ покажа дека овие две држави одлучувале за сите значајни прашања од внатрешен и надворешен план. Единствено Британија секундирајќи му на Берлин, се спротивставуваше на претераните амбиции на Париз, и ја одржуваше внатрешната рамнотежа на ЕУ. Со „Брегзит“, Меркел веројатно пресмета дека ќе загуби солидарен партнер и голем британски пазар за нејзините производи. Франција ќе доминира бидејќи ќе остане единствената нуклеарна сила на ЕУ и единствена членка на ЕУ во Советот за безбедност на ОН.

Водечките правила и принципи за формирање на европската концепција се во главите на Макрон (новата европска политичка ѕвезда) и на Меркел, која го губи лидерството, особено по отстапувањето од водечката позиција на ЦДУ во полза на Анегрет Каренбауер и слабите резултати на европските избори. Во екот на изборната кампања за европратеници Макрон испрати допис до европските лидери и граѓани насловен „Ренесанса на Европа“. Во овој апел тој се залага за „посилна и институционално поразвиена ЕУ“. „Силна Европа“ за Макрон значи ЕУ со еден моќен центар. Неговата концепција е само француска визија за ЕУ која не наиде на голем ентузијазам кај останатите држави. За периферните и новите членки на ЕУ концепцијата „силна Европа“ е само механизам за извоз на францускиот бирократски систем – етатизмот во останатиот дел на Европа. Кога Франција бара повеќе Европа, тоа значи дека бара повеќе Франција. Слично на Тачер во времето на Митеран, евроскептиците повеќе инклинираат кон „Европа на просторот“ наместо поинтегрирана Европа на Макрон.

Пет дена подоцна следуваше одговорот на Анегрет Крамп-Каренбауер која направи вистински санитарен коридор кон предлозите на Макрон. Дел од аналитичарите веќе прогласија крај на долгото француско-германско партнерство. Новата лидерка на ЦДУ истакна дека системот на ЕУ треба да се потпира врз супсидиарноста, индивидуалната одговорност на сопствените ангажмани. Пред да се дели богатството тоа треба да се произведе, сугерира Германката. Со цел да се надминат анахронизмите, европските функционери треба да плаќаат даноци, а Европскиот парламент треба да престане да се состанува во Стразбур и да остане во Брисел. Каренбауер смета дека продлабочувањето на реформите во ЕУ не смее да се сведува на финансиската солидарност на Германија со соседите. Европскиот централизам и етатизам, комунитаризмот на долговите, европеизацијата на социјалната заштита и минимум платите се неприфатливи. Реформите во ЕУ не се можни без државите-нации. Тоа се основите на демократскиот легитимитет на народите. На стратегиско ниво Крамп-Каренбауер бара со Франција да изгради еден заеднички носач на авиони. Патем од Франција бара да го отстапи своето место во Советот на безбедност о ОН во полза на ЕУ.

Дали со таквиот ривалски контекст на концепции, Париз и Берлин можат да се фокусираат околу проширување на ЕУ на Балканот кое беше ветено уште во 2018? Северна Македонија и Албанија очекуваат датуми за почнување на преговорите, Србија и Црна Гора отворање на нови поглавја. Засега, европските лидери се мошне резервирани и се добива впечаток дека се во дилема дали да му дадат предност на „Брегзит“ или на Балканот. За Макрон примарни се реформите, а дури потоа проширувањето. Затоа ја пласира и онаа оксиморонска реченица дека нема да го спречува проширувањето на ЕУ сè додека не се подобри нашата Европа… за да додаде: „но Балканот не смееме да им го оставиме на Турција или Русија“. Се прашуваме дали ЕУ го тера Балканот да избере помеѓу Западот и Русија? За утеха, предложи цела една стратегија за олеснување на влезот на Западен Балкан во ЕУ. Меркел не реагираше. Наводно, очекува да види како ќе се одвиваат локалните избори во Албанија, аспирант кој би требал да оди во пакет со С. Македонија. Макрон и по ова прашање размислува во поинакви нијанси и смета дека С. Македонија е во предност во однос на Албанија. Кај нас, под притисок на оние што беа против НАТО и ЕУ, се дојде до една парадоксална состојба дека доколку не се добие датум во јуни/јули ќе значело пропаст на политиката на Заев. Интересно е дека и Заев потпадна под таквата психоза. Заборавија дека изгубивме цели 11 години заради нивната тврдокорност, национализам и непријателство со сите соседи.

За тоа време Париз и натаму ќе остане најљубовниот град во Европа, додека Берлин центарот на студениот и творечки експресионизам. Што се однесува до заемната љубовна двојка, нивниот парадокс можеби најдобро ја изразува еротската песна на Гинзбург и Биркин – „Јас те сакам… ниту јас тебе“ (Je t’aime moi non plus).