Папата се сретна со Бед Бани во Мадрид
Папата Лав во понеделникот вечерта накратко се сретна на стадионот Сантијаго Бернабеу во Мадрид со порториканскиот музичар Бад Бани, кој исто така е на турнеја во Шпанија, објави во вторникот Ватикан.
Во соопштението на Ватикан се вели дека папата се сретнал со латиноамериканскиот музичар чиј албум „Debí Tirar Más Fotos“ освои Греми за најдобро издание оваа година. Лав XIV накратко разговараше со Бед Бани и неговото семејство пред да го напушти стадионот.
Лав, кој го налути американскиот претседател Доналд Трамп претходно оваа година, откако ја критикуваше војната во Иран, е на еднонеделна турнеја низ Шпанија, каде што предупреди дека „ескалацијата на конфликтите го втурна светот во длабока криза“.
Предизвикувањето на гневот на Трамп е заеднички белег на првиот американски папа и Бед Бани. Порториканскиот музичар е исто така истакнат критичар на антиимиграциската политика на Трамп и ја поддржа демократската кандидатка Камала Харис во претседателската трка во 2024 година.
Бед Бани беше главна ѕвезда на шоуто на полувремето на Super Bowl во февруари со неговиот настап на шпански и со регетон ритми. Трамп го нарече неговиот настап „апсолутно ужасен“ и „навреда за американската величина“.
32-годишниот уметник лансираше регетон и латино на врвот на светската поп сцена.
Неговиот албум „Debi Tirar Mas Fotos“ силно ги нагласува традиционалните порторикански ритми (салса, бомба, плена, итн.) и ја евоцира колонизацијата на неговиот роден остров, кој е под јурисдикција на САД од 1898 година, пренесувајќи општествено-политичка порака во изразито танцувачки стил.
Покрај во Шпанија, Бед Бани ќе настапи и во Германија, Холандија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Полска и Италија пред да ја заврши својата европска турнеја во Брисел на 22 јули.
По игра на судбината, Папата и Бед Бани се најдоа во шпанската престолнина во исто време, што го поттикна Лав XIV. на шега да забележи во својот авион на пат за Мадрид дека младите луѓе може да бидат растргнати меѓу нив двајца.
„Ако се соочат со прашањето дали сакаат да го видат Бед Бани или Папата, мислам дека многу луѓе ќе одат да го видат Бед Бани. Но, исто така, мислам дека ќе има и некои што ќе дојдат да го видат папата. И тоа кажува нешто“, рече тој.