Овие три европски земји имаат најмногу плажи со сино знаме
На второ место е Грција, а на трето-Турција
Меѓународното жири за доделување на „Сино знаме“ ѝ додели на Шпанија рекордни 677 знамиња за нејзините плажи, заедно со 111 за марини и шест за туристички бродови.
Со неверојатни 794 вкупно, 44 повеќе отколку во 2025 година, медитеранската земја е пред Грција, која доби вкупно 657 и Турција, која доби 625.
Валенсиската заедница го предводеше рангирањето на шпанските плажи со 151 Сино знаме доделено во 48 општини, по што следуваа Андалузија со 143, Галиција со 118, Каталонија со 101 и Канарските Острови со 52.
Каталонија, Андалузија и Валенсија беа наградени со најмногу Сини знамиња за марини. Додека шесте туристички бродови беа доделени низ Андалузија и Валенсија.
„Шпанија никогаш не постигнала толку извонредни резултати во програмата Сино знаме“, рече Росарио Санчез, шпанскиот државен секретар за туризам.
„Уште еднаш, нагласуваме дека овој успех е резултат на соработка помеѓу општински, регионални и национални субјекти, марини, бизниси, универзитети, фондации, здруженија и граѓани, од кои сите демонстрираат одговорна работа во исполнувањето на барањата на програмата во областа на еколошкото образование, управување и информации, усогласеност со важечкото законодавство, одличен квалитет на водата, пристапност и безбедност.“
Сино знаме е доброволна еколошка ознака, која им се доделува на плажи и пристаништа што исполнуваат 33 критериуми. За да се добие ова признание, потребно е исполнување на нормите во четири клучни области, кои опфаќаат сè – од чистотата на водата и еколошката едукација до управувањето со околината и безбедноста на посетителите.
За да го добијат и задржат статусот сино знаме, крајбрежните општини и приватните управители мора да поминат низ чести ненајавени инспекции во текот на сезоната. Основен и неоспорен услов е одличниот квалитет на водата. Како втор и многу значаен критериум е целосна пристапност на плажите за лица со попреченост, поточно рампи, амфибиски инвалидски колички и друго. Уште еден критериум за добивање и задржување на синото знаме е заштитата на морето. Ова подразбира строга забрана за индустриски или канализациски испусти во близина на плажите. Некои од овие критериуми се и сертифицираните спасувачки служби, опремени со чамци за спасување, кои работат во текот на денот (главно од 10 до 18 часот).