Откриена озонска дупка седум пати поголема од онаа над Антарктикот


Најновото истражување потврди дека озонската дупка се наоѓа над тропските предели уште од 80-тите години на XX век, а се проценува дека во иднина секој втор жител ќе ги почувствува последиците.

Истражувачкиот тим од Универзитетот во Ватерло во Онтарио, предводен од професорот Чин Бин Лу, откри голема озонска дупка, за која постои сомневање дека е присутна во текот на сите сезони во долните слоеви на стратосферата и над тропските предели.

Заштитната улога на озонската обвивка беше потврдена во средината на 70-тите години на минатиот век. Во тоа време, атмосферските истражувања покажаа дека обвивката апсорбира најмногу ултравиолетово зрачење, но може да биде трајно оштетена од индустриските хемикалии, како што е хлорофлуоројаглеродот.

Овие предвидувања се остварија по една деценија, кога за прв пат беше потврдено дека има оштетување на озонската обвивка на Антарктикот. Со текот на годините, научниците работеа со бројни влади за да го забават овој процес и да ја забранат употребата на штетни хемикалии.

„Тропските предели сочинуваат половина од површината на планетата и се дом на половина од светското население“, рече професорот Лу. Затоа, постоењето на озонската дупка над нив може да предизвика зголемено ниво на УВ зрачење, што дополнително може да предизвика зголемен ризик од меланом и катаракта кај луѓето. Покрај здравствените проблеми, оваа појава може дополнително да ги намали приносите во земјоделството и негативно да влијае на загрозените видови и цели екосистеми.

Ова откритие ја изненади целата научна заедница, бидејќи до сега не се ни знаеше за нејзиното постоење. Фактот што е уште позагрижувачки е тоа што е дури седум пати поголема од сезонската дупка забележана над Антарктикот. Засега проценките се дека во иднина овој проблем на некој начин ќе го погоди секој втор жител на нашата планета.

Научниците објаснуваат дека е добро познато дека губењето на озонот води до стратосферско ладење. И дека присуството на тропска озонска дупка во текот на целата година и појавата на сезонски поларни озонски дупки е предуслов за формирање на неколку „температурни дупки“ во долната стратосфера.

„Сегашното откритие бара детално следење на осиромашувањето на озонот во иднина, како и промени во УВ зрачењето, зголемен ризик од рак и други негативни ефекти врз здравјето и екосистемите во тропските региони“, објаснува Лу.