Општините дарежливи со туѓи пари: Трошат повеќе отколку што имаат


Многумина можеби не слушнале за малата општина Ранковце во североисточниот дел од земјава. Мала општина, но и мал буџет. За четирите илјади ранковчани секако не може да се очекува да се направи многу со буџет од само 250 илјади евра колку што општинските власти потрошиле претходниве пет години, од кои повеќето (или над 200 илјади евра) се потрошени за изградба на локални патишта. А, по нив сега се вози градоначалникот со својот нов автомобил купен од општинската каса за нешто над 700 илјади денари или над 10 илјади евра.

Тој секако не може да му парира на неговиот општински “колега” од Струга, Рамиз Мерко кој предизвика бурни реакции во јавноста откако се поднови со “аудито” вредно 67 илјади евра. Дополнително, Мерко набави и уште три автомобили што заедно со “аудито” ја чини општината 114 илјади евра и тоа во услови кога струшкиот буџет имаше долг од околу 7 и пол милиони евра. Скапи автомобили, општински прослави, контроверзни тендери, во услови кога општините до гуша се заглавени во долгови и чекаат милост од Владата да им се простат.Инбокс 7 истражуваше кои се најголемите 10 тендери на кои општините ги трошеле парите во изминативе пет години. Според тендерите кои ги анализиравме, урбаните општини трошат најмногу на одржување патишта, а руралните на изградба на водоводни и канализациони мрежи. Најмногу пари потрошил Град Скопје, а најмалку општина Ранковце.

Најмногу за Скопје 2014
Најголеми трошења за изминативе пет години имало во Град Скопје, што е најголема општина по број на жители. Вкупниот износ на најголемите 10 тендери изминативе 5 години е околу 18 милиони и 400 илјади евра. Ако се има предвид дека бројот на жители е 506.926 тоа значи дека по глава на жител се потрошени околу 36 евра. Но, тука влегува и периодот на изградбата на Скопје 2014. Па, така, голем дел од парите во 10-те најголеми тендери се за обнова во барокни фасади, изградба на плоштадот на ВМРО, забавни паркови, набавка на реквизити, објекти. Дел од тендерите се однесуваат и на изградба на булеварите Х.Т. Карпош и Србија со кружен тек, како и за одржување на улици и ангажирање на специјално возила за зимско одржување.

Центар: Училиште во Капиштец и изградба на канализација
Во оваа општина потрошени се над 10.000.000 евра. Со број на жители од 45.362, значи дека е потрошено по околу 230 евра по лице. Тендерите се за изградба на општинско основно училиште во Капиштец, изградба на фекален колектор, фекална и атмосферска канализација и конструкција на коловоз, партерно уредување и реконструкција на коловоз и изведба на атмосферска канализација, реконструкција на постоечка улична мрежа и изградба на водовод и канализација, доградба и реконструкција на основно училиште Гоце Делчев, хортикултурно уредување и системи за наводнување, потоа за отстранување на времени објекти и дивоградби.

Битола: Се трошело на масло за затоплување и реконструкции
Општината изминативе 5 години за 10-те најголеми тендери потрошила 9 милиони евра или 95 евра по жител. Главно се плаќало за масло за затоплување, изградба на коловози, адаптација на спорската сала Младост, изградба на северна трибина на фудбалски стадион, градежно занаетчиски работи за изградба на кино Манаки.

Куманово: Превоз на ученици
Потрошени се околу 5.500.000 евра или 52 евра по лице. Платено е за превоз на ученици во основни и средни училишта, за набавка на масло за горење, за реконструкции на улици, за одржување на јавно прометни површини, обновување на сообраќајници и тротоари со бехатон плочки, како и за поставување привремени паркиралишта.

Гевгелија: Најмногу се трошело на улици
Потрошени се 3.400.000 евра или по 150 евра по жител. Изградена е примарна и секундарна сообраќајна мрежа, улици, дел од булевар, локални патишта, изградени и реконструирани тротоари, патеки и улици со павер, како и изградба на атмосферски канализациони линии и набавка на масло за горење.

Македонска Каменица: Изградена капела
Потрошени се 2.700.000 евра или по 330 евра по жител. Изградени и реконструирани се улици, патишта, како и изградена е фекална и атмосферска канализација, доградена детска градинка, како и изградена е капела и уредени нови градски гробишта.

Штип: Платформа за паркирање
Потрошени се околу 2.500.000 евра или 51 евра по лице. Реконструирани и изградени улици и локални патишта, набавка на екстра лесно масло за потребите на основните и средните училишта, изградена платформа за паркирање, набавени павер елементи, изградена велосипедска патека, како и изградба на крстосници и поврзување на улици.

Охрид: Тендери за патна мрежа
Општина Охрид во изминативе 5 години потрошила околу 2 милиони и 200 илјади евра или по жител по 40 евра. Главно тендерите се однесуваат за изградба на улици, патеки, нивно асфалтирање, одржување и реконструкција на патната мрежа.

Кочани: Модернизирано улично осветлување
Потрошени 2.180.000 евра или 77 евра по лице. Изведена е реконструкција и модернизација на систем на улично осветлување, изградба на локални патишта, платено за снабдување со електрична енергија, изградба на локален пат кај Пониква, како и изградба на фекална и атмосферска канализација.

Кавадарци: Најмногу се трошело на масло за греење
Потрошени околу 2.000.000 евра што е 51 евро по жител. Најмногу се трошело за набавка на масло за горење, како и за реконструкција и асфалтирање на патишта, изградба на булевари, но и за регулација на коритото на реката Луда Мара.

Долнени: Патишта, превоз и огрев
Потрошени се околу 1.900.000 евра што по жител изнесува 143 евра. Изведена е реконструкција на постоен локален пат, изградба и реконструкција на патишта, превоз на ученици, набавка на дрва за огрев на основни училишта, како и за изградба на канализациони и водоводни системи.

Велес: Градски пазар и привремени вработувања
Потрошени се околу 1.900.000 евра или по 35 евра по лице. Набавувана е нафта за греење, потоа изградба, реконструкција и санација на објекти од високоградба, изградба на улици, патишта, тротоари, објекти-ѕидови, водоснабдителна инфраструктура, изведба на водоводна линија, градски пазар, а плаќано е и за привремени вработувања.

Студеничани: Улици, улици и само улици
Потрошени се 1.800.000 евра што преставува инвестиции од 107 евра по лице. Изграден е дел од локален пат за село Цветово, инвестирано е во изградба санација и тековно одржување на водоводна и канализациона мрежа, изградба на улици. Реконструкција на патна, водоводна и канализациона мрежа и реконструкција на улици.

Пробиштип: Реконструкција на парк
Општината потрошила нешто повеќе од милион и 650 илјади евра. Во Пробиштип има 16.193 граѓани, што значи дека инвестициите по жител изнесуваат по нешто повеќе од 100 евра. Изградени се улици, асфалтирање улици, реконструирано е улично осветлување со електрични инсталации, реконструкција и проширување на парк, изградба на капела, изградба на сервисни улици и нова водоводна и канализациона линија.

Валандово: Уредување на индустриска зона Јосифово
Потрошени 1.500.000 евра, односно по 120 евра по лице. Реконструирана е летната сцена на Домот на култура 25 Мај, изграден е локален пат, реконструиран дел од булевар, реконструкција на градски пазар, изградена фекална канализација, асфалтирање улици и уредување на инфраструктура на индустриска зона Јосифово.

Чашка: Набавка на мобилни
Потрошени околу 1.500.000 евра или 193 евра по жител. Плаќано е за набавка на мобилни телефони, за исхрана во народна кујна и ученички дом, за водоснабдување, за времени вработувања, за набавка на ровокопач, на возило за собирање на комунален отпад превоз на ученици и вработени во основни училишта, како и за реконструкција на локални патишта.

Дебарца: Фекална канализација
Потрошени се околу 1.400.000 евра, што со оглед на населението значи по 250 евра по жител. Главно се однесува на изградба на фекална канализација, спортска сала, улици, санација на дом во с.Лешани, асфалтирање улици, набавка на возило за собирање комунален отпад отпад како и набавка на комунални возила.
Боговиње не кажува на што ги трошат парите
Потрошени се повеќе од 1.300.000 евра, или 46 евра по лице. Од оваа општина не доставиле податоци за што конкретно ги потрошиле парите.

Новаци: Полски патишта
Потрошени се 1.300.000 евра, или по 370 евра по лице. Се потрошила за изведба, реконструкција и одржување на локални патишта и улици, санација и одржување на полски патишта, како и за набавка и монтажа и поправка и одржување на улично осветлување.

Желино: Зимско и летно одржување на патишта
Потрошени се 1.300.000 евра или 54 евра по лице. Изградени и реконструирани се неколку локални патишта, ангажирано е зимско и летно одржување на локалната патна мрежа, набавен и транспортиран асфалт за поправка на локални патишта, изработка на урбанистички план, одржување на јавно осветлување, набавка и вградување на бехатонски плочки, изградба на фекална канализација и фекална канализациона мрежа, набавка на прехранбени и хигиенски артикли за помош на лица.

Дебар: Тротоари и улици
Потрошени се околу 1.300.000 евра или 59 евра по жител. Спроведена е набавка на камени плочи за центарот на градот, изградба на тротоари, реконструкција на улици, градежно-монтажни работина водоводна и канализациона мрежа, изгррадба и реконструкција на градски улици и локални патишта, како и изведба на цевковод за прифаќање атмосферски води.

Чешиново Облешево: Канализационен систем
Потрошени се над 1.200.000 евра или 164 евра по жител. Изграден е канализационен систем во Облешево, фекална канализација во Чифлик, водоснабдителен систем во Облешево, изградба на улици, за над 1.100.000 денари е набавен автомобил, изведба на бунар во с. Спанчево, пешачка патека, а платено е и за работа со градежна машина.

Делчево: Реконстрирани делови од патишта
Потрошени околу 1.200,000 евра или за секој граѓанин инвестирани се по 150 евра. Инвестирано е во реконструкција на локален пат, изградба на делови од улици, набавка на масло за горење, изградба на улици, пристапни патеки и тротоари, дел од локален пат, дел од сервисна улица и интегрирана сообраќајна површина.

Старо Нагоричане: Главно се трошело на изградба на патишта
Оваа општина потрошила околу 1.200.000 евра, односно 243 евра по жител. Потрошено е главно за изградба на патишта, за превоз на ученици и набавка на градежни машини, теренско возило и опрема за трактор

Јегуновце: Инфраструктурни објекти
Потрошени околу 1.150.000 евра или по 106 евра по лице. Главно е трошено за изградба на инфраструктурни објекти, фекална канализација, колектор за фекални води, патишта, пумпна станица и цевковод, како и поплочување улици со бехатон плочки.

Виница: Асфалтирани улици
Потрошени околу 1.100.000 евра што претставува инвестиции од 57 евра по лица. Со парите се асфалтирани улици, поплочени тротоари, исплатено за изведба на фекални канализации, за изградба на водовод, за градежни работи, изградба на локални патишта, на фабрика за прочистување на вода, за осветлување, како и за набавка на возило ровокопач.

Крива Паланка: Најмногу се купувало масло за греење
Потрошени се нешто повеќе од 1.100.000 евра, или по 54 евра по жител. Главно е потрошено пи набавка на масло за греење на училиштата.

Радовиш: Греење во училишта
Радовиш потрошил нешто повеќе од 1.100.000 евра во најголемите 10 тендери изминативе 5 години. Тоа значи дека во Општината се инвестирани по 40 евра на жител. Плаќано е за греење за училиштата а останатото за изградба на улици во село Калуѓерица, потоа атмосферска канализација и водоводна мрежа во Радовиш.

Брвеница: Изградба на училиште
Потрошени се околу 1.100.000 евра, или по 69 евра по жител. Општината вложила за изградба на училиште и реконструкција на пат, изградба на дел од фекална канализациона мрежа изградба и реконструкција на улици, патишта и тротоари.

Виница: Асфалтирање и поплочување улици
Виница со околу еден милион евра, односно 52 евра по жител, трошела за изградба на фекална канализација, асфалтирање и поплочување на улици, набавка на ровокопач, изведба на патишта како и водовод и канализација.

Крива Паланка: Без детали за трошењата
Најголемите 10 тендери на Крива Паланка изнесуваат околу 65 милиони денари или околу милион евра. Оваа општина има 20.820 жители, што значи се инвестирале по 50 евра по жител, но нема многу информации за што се трошеле парите. Најголем дел од тендерите напишале дека се отворен повик, додека за неколку од нив е наведено дека се за набавка за масло за горење.

Демир Хисар: Набавка на 4 минибуси
Потрошени се 61 милион денари или нешто повеќе од 980.000 евра. Општината брои 9.497 жители што значи дека е инвестирано по 103 евра по лице. И тоа за изведба на потпорни ѕидови, канализација, набавка на 4 минибуси за транспорт на ученици, набавка на масло за горење, реконструкција на улици, изградба на нова водоводна линија и мрежа, изградба на локални патишта и реконструкција на улици.

Старо Нагоричане: Теренско возило и машини
Општината потрошила нешто повеќе од 970 илјади евра, поточно 200 евра по лице. Изградени се локални патишта, набавено е лесно теренско возило и градежна машина со придружна опрема за трактор, а исплатено е и за превоз на ученици на општинското основно училиште.

Богданци: Работа на пречистителна станица
Потрошени се нешто повеќе од 877.000 евра, поточно по 100 евра по жител. Платено е за работење на пречистителна станица, изградба и проширување на улично осветлување, уредување улици, изградба на атмосферска канализација и изработка на основни проекти.

Берово: Зелен пазар
Потрошени се над 830.000 евра што е по 60 евра по лице. Изградени се и реконструирани улици, изградена кружна раскрсница, изграден е мост преку Смојмирска река, како и зелен пазар.

Теарце без одговор на што ги троши парите
Потрошени 840.000 евра, или по 37 евра по лице. Општина Теарце нема наведено за што конкретно ги потрошила парите.

Василево: Реконструкција на Културен дом
Потрошени се 814.000 евра – 66 евра по лице. Тендерите се за регулација на Сушевски порој, изградба на улици, на повеќенаменско игралиште, реконструкција и ревитализација на улици, како и реконструкција и адаптација на Културен дом во спортска сала.

Пласница молчи за трошењата
Потрошени се околу 800.000 евра во општината која има 4.545 жители што е по 174 евра по лице. Од оваа општина нема наведено за што точно се потрошени овие пари.

Петровец: Канализациона мрежа
Потрошени околу 776 илјади евра, или по жител по 94 евра. Изградена е канализациона мрежа, фекални канализации, водоводна мрежа, локални патишта, како и соблекувална за фудбалски клуб.

Градско: Улици и осветлување
Потрошени се 690.000 евра, што е 184 евра по лице. Изградени се локални патишта, улици и санација на постојни улици, потоа изградена фекална улична канаизација, како и набавка на електроматеријали и монтажа на улично осветлување.

Демир Капија: Привремени вработувања
Потрошени се околу 680 илјади евра за инвестиции, или 150 евра по лице. Плаќано е за услуги за привремени вработувања, за угостителски услуги за прослава на празник 7 ноември, набавени се две нови патнички возила, исплатено за проект за инфраструктура, идеен и основен проект за мост, за изработка на урбанистички планови ревизија и проектна документација, како и за изградба на локална патна инфраструктура и изградба на плоштад.

Шуто Оризари: Набавка на службени возила
Потрошени се околу 673 илјади евра. Т.е. по лице е вложено 39 евра. Парите се дадени за реконструкција и санација на улици, набавка службени возила, набавка на горива за службени возила на општината, за изработка на урбанистички планови и геодетски услуги, изведба на фекална канализација, приклучок на водоводна и фекална мрежа за спортска сала и одржување, санација и крпење дупки на улици.

Лозово: Канализационен систем
Потрошени се околу 668 илјади евра. Со 2.858 жители општината вложила по 230 евра. Изградени се улици и пешачка патека, поправка на улици, изградба на канализационен систем, изградба на спортско игралиште, како и за фасада на општинското основно училиште.

Кривогаштани: Цевоводи и канализациони мрежи
Потрошени се околу 668 илјади евра или – по 107 евра. Изградена фекална канализациона мрежа, главен цевовод и пречистителна станица, реконструкција на улици, изградба на дистрибутивна водоводна мрежа, изградба на дел од канализациона мрежа, линиска инфраструктура за водоводен цевовод, надзор над изградба на инфраструктурни објекти, набавка и монтажа на цевки на систем за наводнување и набавка и вградување опрема за улично осветлување.

Сопиште: Изградена пешачка патека
Потрошени се 630 илјади евра или 110 евра по жител. Изградена е пешачка патека, водовод, за превоз на ученици, изработка на ДУП, реконструкција и асфалтирање на улици, фекална канализација и локални водоводи, како и хортикултурно уредување на зелени површини.

Маврово Ростуша: Асфалтирање локални патишта
Потрошени се 612 илјади евра или 70 евра по лице. Тендерите се за асфалтирање на локални патишта, реконструкција и рехабилитација на локални патишта, зимско одржување на улици и патишта, изградба на подрачно основно училиште, одводни и доводни цевки, како и за услуги за привремено вработување.

Ресен: Уредување на паркот Езерани
Потрошени се околу 570 илјади евра за општината од 16.825 жители што значи 33 евра по лице. Вложувано е во асфалтирање на локални патишта и улици, уредување на паркот на природата Езерани, за зимско одржување на улиците и локалните патишта, како и за изградба на тротоари и санирање дупки.

Центар Жупа: Локален пат
Потрошени се околу 460.000 евра, така што по жител се вложени 72 евра. Изграден е локален пат и реконструирани патишта и улици, изграден е зелен пазар, набавени се бетонски префабрикувани плочки, бехатон плочки, потоа саниран и адаптиран културно образовен дом, а набавено е и едно патничко возило.

Зрновци: Нов плоштад
Потрошени се 440.000 евра, односно 130 евра по лице. Изградени се пристапни и локални патишта, асфалтирање на улици, реконструкција на улици и изведба на нов плоштад, изградба на парк, изградба на фекална канализација, како и регулација на Видовишка и Морошка река.

Сомнителни тендери

Голем дел од општините се заглавени во долгови, некои објективни, но некои како резултат на неодговорниот однос и незаконското трошење на градоначалниците. Во Град Скопје сепак се реализирани најсомнителните и најскапите тендери, но и покрај тоа што требаше да има веќе отворен случај од Специјалното јавно обвинителство за незаконското трошење на парите на граѓаните со проектот Скопје 2014, обвинение нема.
“Инбокс7” веќе пишуваше за незаконската набавка на мобилни телефони во Општина Чашка каде претходниот градоначалник Горанчо Пановски набавил поголем број телефони, од кои дел си ги задржал за себе. За сомнителните тендери од претходниот градоначалник од оваа општина, Државниот завод за ревизија открил низа незаконитости. Обвинителството за организиран криминал отворило постапка за се што е пронајдено, по што го препратиле во велешкото обвинителство, но таму случајот остана заглавен и без натамошен исход.
Во очи паѓаат и тендери на општина Демир Капија каде со парите на општинскиот буџет се купувале автомобили, а еден од тендерите е и за угостителски услуги за прослава на празник на 7 ноември (иако не е познато кој е тој празник) и само за тоа се потрошени 150 илјади денари. Незаконското работење на претходниот градоначалник, Трајче Димитриев беше ставено под лупа на Финанската полиција, по што на барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција минатата година му беше одреден 30-дневен притвор. (Инбокс 7)

Светлана Унковска