Одржани протести во Словачка против планот за ограничување на гласачкото право на Словаците во странство
Братислава – Илјадници граѓани излегоа синоќа на протести во Словачка против најавените измени на изборниот закон со кои се предвидува укинување на гласањето по пошта на лицата кои живеат во странство.
Протестите беа организирани по повик на повеќе опозициски партии, одржани под мотото „Нема да ни го одземат гласот“.
Околу две илјади лица протестираа во Братислава, додека стотици се собраа и во други градови, како и во Прага и Брисел.
Во фокусот на спорот е предлогот на Владата на премиерот Роберт Фицо, со кој се укинува можноста за гласање по пошта за државјаните кои живеат надвор од Словачка.
Според предложените измени, Словаците во иднина во странство ќе можат да гласаат само лично, и тоа само во дипломатско-конзуларни претставништва или на посебно определени избирачки места. Со тоа се укинува гласањето по пошта, што беше досега дозволено за гласањето на парламентарни избори.
Истовремено, новиот систем предвидува граѓаните во странство да добијат право да гласаат и на претседателски избори, што досега беше можно само на територијата на Словачка.
Владата тврди дека само новиот систем гарантира тајност на гласањето и не остава простор за манипулации. Опозицијата, пак, го оценува планот како обид за ограничување на гласањето од странство, бидејќи мнозинството Словаци во дијаспората на последните избори гласале за опозициските партии.
„Роберт Фицо сака да ја зацврсти својата власт“, изјави лидерот на либералната опозиција, Михал Шимечка, на протестот во Братислава.
Тој додаде дека предложениот закон ќе им го одземе правото на десетици илјади Словаци во странство да гласаат на следните парламентарни избори.