Одложено судењето за деветмината полицајци за случајот „Пулс“
Судењето за деветмината полициски службеници обвинети во врска со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ денеска е одложено за 1 јуни. Причина за одложувањето е потребата на одбраната да обезбеди и изврши увид во доказите неопходни за постапката.
Со овој судски процес претседава судијката Ленка Давиткова, додека застапник на обвинението е обвинителката Спасенка Андонова. Пред почетокот на рочиштето, одбраната на дел од обвинетите побара Судот да посредува во доставувањето барања до МВР, Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и Управата за јавни приходи (УЈП), со цел обезбедување докази, декласификација на документи, како и овозможување увид на вешто лице кое треба да изврши вештачење.
Обвинителката Спасенка Андонова најави дека ќе се произнесе по барањата откако ќе биде извршена анализа на доказите.
Имајќи предвид дека одбраната има доставено дел од листата на докази со прилози, дел од одбраната денеска доставува докази, а голем дел се со барања од институции од кои не им е одговорно и бара од Судот таквите барања да им бидат одговорени, Обвинителството по тие ќе се произнесе откако ќе бидат обезбедени и ќе направи увид и анализа – изјави Андонова.
ОЈО-ГОКК ги товари деветмината полицајци за „Злоупотреба на службената положба“. Според обвинението, тие во период од една година пропуштиле да преземат службени дејствија и неопходни проверки за безбедност и сообраќајни решенија, кои биле услов за издавање на лиценца за работа на дискотеката.