„Одисеја“ на Кристофер Нолан го наполни Синеплекс- се бараше паркинг повеќе


Светската премиера на „Одисеја“ (The Odyssey) на Кристофер Нолан помина со исклучително позитивни реакции и силен медиумски интерес. Премиерните проекции  во Лондон и во Њујорк собраа голем број филмски критичари, а првите впечатоци  ја опишуваат како едно од најамбициозните и визуелно најимпресивните остварувања во кариерата на Нолан.

За лондонскиот настан, Јуниверзал изгради огромен Тројански коњ, висок околу 11 метри и тежок речиси 4 тони, како централен дел од сценографијата, што предизвика воодушевување кај публиката.

Премиерата синоќа, во поскромни размери, но со голем ентузијазам, предизвика огромен интерес и во Скопје, со проекции во над десет сали, што пак предизвика метеж за паркирање, со оглед дека најгорниот паркинг простор е затворен заради летното кино. Македонската публика имаше можност да го следи филмот истовремено со светската премиера, потврдувајќи го глобалниот тренд на рушење рекорди на кино-благајните.

Некои од првите реакции ја нарекоа „апсолутен триумф“, „најмонументалниот филм на Нолан досега“, „сериозен кандидат за Оскар“. 

Филмот кој трае три часа, со буџет од 250 милиони долари, и ѕвездена постава, импресионира со епскиот визуелен стил, снимен целосно со IMAX 70мм камери, со режијата на Нолан и нелинеарниот пристап кон Хомеровата приказна, актерската игра на Мет Дајмон во улогата на Одисеј, со музиката на Лудвиг Горансон и практичните ефекти, наместо доминантната употреба на CGI.Многумина го истакнаа и темпото на филмот, кое е побавно и поконтеплативно од претходните остварувања на Нолан, но во функција на патувањето и психолошката трансформација на Одисеј. Некои критичари дури го споредија и со „Лоренс од Арабија“ и „Господарот на прстените“ по неговиот епски размер и визуелна раскош.

Филмот е снимен на повеќе автентични медитерански локации, меѓу кои Грција, Италија, Мароко, Шкотска и Исланд, со цел да се доближи атмосферата на Хомеровата епопеја. Нолан во интервјуа изјави дека сакал „Одисеја“ да изгледа  како вистинско патување, а не како дигитално конструиран свет. 

По премиерата, аналитичарите веќе ја вбројуваат „Одисеја“ меѓу најсериозните кандидати за претстојната сезона на филмски награди, особено во категориите за најдобар филм, режија, кинематографија, музика и визуелни ефекти.

Покрај пофалбата од критиката, филмот веќе бележи комерцијален успех. Се прогнозира глобално отварање од над 200 милиони долари, а проекциите во IMAX 70мм беа распродадени  долго пред официјалното прикажување.