Апелацискиот суд ја отфрли жалбата на претседателот на бугарскиот клуб во Битола. Останува условната казна

Адвокатот на Љупчо Ѓоргиевски најавува дека ќе се жали во Судот во Стразбур. Ѓоргиевски беше осуден на условна казна од една година затвор


Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски беше крунски сведок на судењето на Љупчо Ѓоргиевски

 

Апелацискиот суд во Битола донесе пресуда со која ја одби како неоснована жалбата на претседателот на избришаното здружение Културен клуб „Ванчо  Михајлов“ во Битола, Љупчо Ѓоргиевски, откако Основниот суд му изрече условна казна затвор од една година со рок на проверка од две години.

Судењето против битолчанецот Љупчо Ѓоргиевски го покрена Основното јавно обвинителство Битола за кривични дела поврзани со предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Обвинението го застапуваше обвинителката Оливера Нечаковска, а пресудата на Основниот суд ја донесе судијата Цветанка Никодиновска. 

Во пресудата донесена на 3 јули годинава, од страна на Апелацискиотониот суд во Битола стои: „ Жалбата на обвинетиот Љупчо Ѓоргиевски од Битола изјавена преку адвокатот Насер Рауфи се одбива како неоснована. Пресудата на Основниот суд Битола К-289/23 од 12.06 2025 година се потврдува“.

Во образложението на пресудата на Апелацискиот суд уште се наведува:„Од увидот во сите списи во предметот се заклучува  дека сите факти кои првостепениот суд ги утврдил се темелат на голем број изведени докази и тоа сослушување на сведоци, сите писмени докази, кои сите заедно во севкупна доказна целина укажуваат дека првостепениот суд правилно ја утврдил динамиката, односно случувањето на кривично-правниот настан како што се одиграл, онака како што е напишано во изреката на првостепената пресуда“, по ова Апелација дополнува дека –„Заклучоците на судот произлегуваат од фактите што се земени како докажани, а врз основа на непосредно изведени докази. Судот утврдил дека се она што е предуслов за примена на материјалниот закон користејќи ги сите докази кои му биле на располагање, ценејќи ги со еднакво внимание како околностите и доказите од кој го товарат обвинетиот, така и оние кои одат во негова полза“, стои во пресудата до која дојде „Независен“.         

Бугарските медиуми реагираа на оваа правосилна пресуда. Агенцијата БТА наведува дека адвокатот Насер Рауфи има четири месеци за да поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Според адвокатот, при првостепеното разгледување на предметот имало „низа неточности“.

„Адвокатот претходно изјави дека доколку пресудата биде потврдена, ќе биде поведена постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде што очекува позитивна одлука. Тој се повика на одлуката од 2009 година на истиот суд во предметот за здружението ‘Радко’ — псевдоним на Иван Михајлов — кое било забрането во тогашната Република Македонија“, пишува БТА.

Постапката против Љупчо Ѓоргиевски започна во 2023 година, откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го извести обвинителството за содржини на фејсбук-страницата на здружението „Иван Михајлов“ во Битола, „со кои се повредуваат чувствата и правата на голем број луѓе“. Обвинителството беше известено и од Сојузот на борците во Македонија, а во текот на постапката беа сослушани неколку сведоци на обвинението, Стефан Бошков, претседател на Сојузот на борците од Битола, инаку внук на народните херои Стеван Наумов – Стив и Ѓорги Наумов, потоа Зоран Ѓорѓиев, публицист и автор на книга за битолските Евреи. Сведок на обвинителството беше и Горан Садикарио, директор на Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а  сведочеше и условно осудениот за палењето на вратата на Културниот клуб „Ванчо  Михајлов“, пејачот Ламбе Алабаковски.

Поранешниот претседател на згаснатиот клуб „Иван Михајлов“ призна дека лично објавувал текстови со кои се негира посебноста на македонската нација. Тој тоа го потврди на прашања на обвинителката Нечаковска. На прашање на обвинителката тој уште потврди и дека бил администратор на Фејсбук страната на  клубот, но дека објавуваните текстови не биле негови лично, туку цитати од историски личности.

„На 02.11.2022 година обвинетиот како администратор, како реакција на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, на бугарски јазик објавил текст од Иван (Ванчо) Михајлов напишан во Италија на 11.03.1990 година во кој меѓу другото стои македонската нација и македонскиот јазик не постојат. Тие се измислица на фантазии како српската за да се користат како аргументи пред луѓе кои не го знаат ни минатото ни сегашноста… Денешната таканаречена Република Македонија во себе содржи бројни неправа и фалсификати“, запраша обвинителката, на што Георгиевски призна дека ги објавил, заедно со други постови.  

Како последен сведок на одбраната во постапката, на 21 мај, по сопствена желба, се појави поранешниот премиер на земјата Љупчо Георгиевски.

Тој во одбрана рече -„Етикета е дека Иван Михајлов е фашист, таа етикета е залепена од Бугарската комунистичка партија и преземена од македонските комунисти. Тогаш било лесно да се декларираш како фашист, но Иван никогаш за себе не кажал дека е фашист… Јас се доживувам како ванчомихајловист и сум единствен премиер после 1945 година кој им ги врати имотите на Евреите во Македонија“, рече поранешниот премиер Георгиевски пред судот во Битола, велејќи дека „посебно ме заболе идејата на Иван Михајлов да му се прилепи антиеврејска политика“. Па, наброја неколку примери за спасување на Евреите од страна на ВМРО и Владимир Куртев како близок соработник на Михајлов.

Спотивно на ова во пресудата од Апелацискиот суд се цитираат доказите на ОЈО Битола, односно стручното мислење од Институтот за национална историја на Македонија на кое се повика Основиот суд Битола во пресудата за Љупчо Ѓоргиевски.

Таму стои: „Иван Михајлов е автор на бројни монографии, брошури и статии во кои во континуитет го негира постоењето на македонскиот народ и посебноста на македонскиот јазик. Зад паролата за создавање на автономна, а потоа и независна македонска држава, Иван Михајлов постојано тврди дека таа би требало да биде уредена по примерот на Швајцарската конфедерација во која доминантна улога би имало бугарското население. Поради тие негови ставови, како и поради издавањето на наредби за ликвидација на бројни македонски интелектуалци  и членови на македонското револуционерно движење во македонската историографија и во колективната меморија на македонскиот народ тој е присутен како негативан личност“, стои во пресудата.