Дваесет и девет организации на Македонците во Србија се обединија во едно здружение
На големиот македонски национален празник Илинден, во Јабука се одржа Основачкото собрание на Македонскиот национален сојуз, со што беше означен почетокот на ново и историско поглавје за македонската заедница во Република Србија.
Во Сојузот се обединија 29 од вкупно 34 активни македонски организации во Србија, без Националниот совет. Ова претставува најшироко организирано обединување на македонски здруженија, фондации, културно-уметнички друштва, установи, центри, младински организации и други субјекти што работат на зачувување и унапредување на македонскиот национален идентитет.
-Формирањето на Македонскиот национален сојуз е резултат на заедничката определба македонската заедница во Србија да настапува организирано, одговорно и обединето. Сојузот ќе се залага за заштита на правата и интересите на Македонците, зачувување на македонскиот јазик, култура, традиција и национален идентитет, како и за посилно поврзување на сите генерации Македонци што живеат во Србија.
Македонскиот национален сојуз ќе биде официјален подносител на изборната листа за претстојните избори за Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија.
Листата ќе настапи под името: „Македонци заЕдно“ а носителка на листата ќе биде актуелната претседателка на Националниот совет, Зорица Митровиќ.
Името „Македонци заЕдно“ ја изразува суштината на ова историско обединување: различни организации, средини и генерации здружени околу една заедничка цел — силна, видлива и достоинствено претставена македонска заедница во Србија.
Од вкупно 34 активни македонски организации во Србија, 29 застанаа зад Македонскиот национален сојуз и станаа негови основачи. Покрај нив, во Србија дејствуваат уште три активни здруженија и две политички партии што во овој момент не се дел од Сојузот.
Пораката испратена од Јабука на Илинден е јасна и силна: Македонците во Србија избраа заедништво, соработка и организирано дејствување. Ова е историски чекор кон обединета, современа и влијателна македонска заедница, подготвена заеднички да ја гради својата иднина, стои во соопшението.