По три часа се чека на „Богородица“ и во Дојран за влез во Грција


 

Тешко се влегува во Грција.

Кај Богородица или Стар Дојран сликата е иста – километарски колони чекаат за влез во Грција по неколку часа. Грчките погранични власти не можат да ги процесуираат сите лица што влегуваат во Грција поради новиот систем за контрола, па на пеколното сонце се чека со часови.

Поради огромните колони сообраќакот низ Стар Дојран е речиси невозможен. Вчера имаше помали колони, но денеска тие се километарски.

Според информациите од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), зголемената фреквенција на возила предизвикува чекање на речиси сите гранични точки.

Најкритична е состојбата на граничниот премин „Богородица“, каде за излез од Македонија се чека околу три часа, додека за влез во земјата задржувањето е околу еден час.

Задржување од три часа за излез од државата има и на граничниот премин „Дојран“. Таму исто така се чека со часови за влез во Грција. 

Колоните го блокираа сообраќајот во Дојран (Фото: Б. Грданоски)

На граничниот премин „Табановце“, пак, и за влез и за излез од земјава се чека околу 30 минути.

Од АМСМ информираат дека на останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања.

Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во периодот од вчера напладне до денеска во 12 часот, преку „Богородица“ поминале околу 17.500 лица.

Од нив, околу 6.000 биле македонски државјани — 5.864 оствариле влез, а 5.948 ја напуштиле земјата. Во однос на странските државјани, регистрирани се 10.249 влезови и 11.648 излезови.

На ГП „Дојран“ во истиот 24-часовен период е евидентиран проток на 399 македонски државјани на влез и 1.104 на излез. Влез оствариле и 1.295 странски државјани, додека 1.174 ја напуштиле државата.

Од МВР наведуваат дека се преземаат сите потребни мерки и дека се ставени во функција сите расположливи човечки и технички капацитети за овозможување побрз проток на патниците, со паралелно спроведување на задолжителните гранични проверки.