Има опасна бактерија во водата во Гостивар – пријавени нови 84 пациенти, вкупно 4.684


Фото: Б. Грданоски

 

Водата во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење и употреба, бидејќи има бактерија која е опасна по здравјето на луѓето. Ова денеска го изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, на прашањето каква бактерија има во водата во Гостивар.

„Постои присуството на Pseudomonas aeruginosa во водата за пиење. Овие бактерии ја прават водата микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање бидејки се опасни за здравјето“, особено за луѓе со слаб имунитет.

Предизвикуват инфекции на кожата, очите и ушите. Може да доведат до инфекции на уринарниот тракт и белите дробови кај чувствителни лица. Имаат висока отпорност на многу вообичаени лекови и антибиотици“, додава Ангелов.

Денеска се ангажирани три цистерни со питка и техничка вода за потребите на Гостивар.

„Едната на ТППЕ ‘Гостивар’, една на ‘Бехтел и Енка’ и една од Боговиње. Тие до сега по два пати се упатени кон граѓаните и се планира до вечерва да бидат пратени уште со по два турнуса на дотур. Дистрибуцијата се врши во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спадување на Општина Гостивар“, вели Ангелов.

Властите најавуваа дека до крајот на неделата горстиварци ќе имаат чиста вода за пиење, но еве, и на почетокот на оваа недела, вода за нив се носи со цистерни. 

Дополнително, според извештајот на Министерството за здравство, во текот на вчерашниот ден уште 84 граѓани побарале помош во болницата во Гостивар. 

„Во текот на 2 август се регистрирани вкупно 84 први прегледи, што е за 27 повеќе во споредба со претходниот ден, кога беа евидентирани 57 прегледи. И покрај дневното зголемување, бројот на прегледи останува значително понизок во однос на пикот од 18 јули, кога беа регистрирани вкупно 649 прегледи“, информираат од Министерството за здравство, од каде додаваат дека  епидемиолошката состојба во Гостивар останува стабилна и континуирано се следи од надлежните здравствени институции. (Б.Б.)