Од недела ЕУ воведува задолжително етикетирање на содржината генерирана од вештачка интелигенција
Од 2 август, во Европската Унија ќе почнат да се применуваат нови правила за транспарентност на вештачката интелигенција, како дел од Европскиот закон за вештачка интелигенција (AI Act). Целта е корисниците веднаш да можат да препознаат дали комуницираат со вештачка интелигенција или гледаат содржина генерирана од вештачка интелигенција.
Компаниите ќе мора јасно да ги етикетираат чет-ботовите и другите системи со вештачка интелигенција, додека фотографиите, видеата, аудио снимките и текстовите создадени со помош на вештачка интелигенција ќе мора да бидат означени како генерирани или изменети од вештачка интелигенција.
Прекршувањето на правилата подлежи на високи казни.
Европската комисија посветува посебно внимание на длабоката лажна содржина – фотографии, видеа, аудио снимки и текстови кои изгледаат автентични, но се создадени или изменети од вештачка интелигенција.
Според Комисијата, генеративната вештачка интелигенција овозможува создавање дезинформации во невидени размери, нивно прилагодување кон одредени групи корисници и нивно брзо ширење преку Интернет.
„Вештачката интелигенција го отежнува разликувањето на вистинската од синтетичката содржина. Новите правила треба да ја зачуваат довербата на граѓаните во она што го гледаат, слушаат и читаат“, велат од Брисел.
Обврската за етикетирање се однесува на содржини создадени за професионални цели. Граѓаните кои користат вештачка интелигенција исклучиво приватно нема да бидат опфатени со новите правила.
Текстовите на теми од јавен интерес ќе бидат обележани и ако се создадени со помош на вештачка интелигенција без човечка уредничка контрола.
Постојните системи за вештачка интелигенција имаат рок до 2 декември да се усогласат со правилата, додека уметничките, сатиричните и фиктивните дела се ослободени од дел од обврските.
Големите технолошки компании веќе почнаа да воведуваат свои ознаки за содржината на вештачката интелигенција.
TikTok бара од креаторите да ја означуваат содржината генерирана од вештачка интелигенција веќе неколку години и вели дека означил повеќе од три милијарди објави благодарение на алатките за автоматско препознавање.
Мета ја воведе етикетата „AI Info“ на Фејсбук и Инстаграм, додека Гугл го потпиша европскиот кодекс на однесување за транспарентност на вештачката интелигенција.
Компанијата наведува дека заедно со партнери, вклучувајќи ги ОпенАИ, Нвидиа и Епл, развива алатки за дигитално етикетирање на содржината со вештачка интелигенција.