Бе-ем-ве ќе укине 8.000 работни места


Германскиот производител на автомобили Бе-ем-ве (BMW) ќе укине 8.000 работни места ширум светот, јави Германската новинска агенција (ДПА) повикувајќи се на неименуван извор.

Предвидено е намалувањето на работните места ќе се одвива преку флуктација на вработените и доброволно заминување.

Кратењето на работните места ќе се одвива од октомври годинава до крајот на 2027 година, а ќе бидат опфатени сите вработени во Германија, кои не се директно вклучени во производството. Околу 84.000 од 154.000 вработени во Бе-ем-ве работат во Германија.

Компанијата не ги коментираше наводите на ДПА.

Бе-ем-ве, со седиште во Минхен, е последниот голем германски производител на автомобили што спроведува голема програма за укинувања на работни места по серијата отпуштања во Фолксваген, Мерцедес, Ауди и Порше.

Германската автомобилска индустрија бележи пад на кинескиот пазар, а е и под притисок на американските царини и кризата на Блиски Исток.

Бе-ем-ве изминатите години подобро се снаоѓа од своите германски конкуренти. Компанијата инвестираше многу во развојот на својата платформа за електрични возила од следната генерација.