Со два милиони евра грант од ЕУ се воведуваат паметни граници
Царинската управа информира дека започнува со имплементација на еден од најзначајните проекти за модернизација на граничната инфраструктура со кој се воведуваат паметни системи за автоматизација на граничните терминали, за што се обезбедени грант средства од Европската унија во висина од два милиони евра.
По претходно објавен јавен оглас потпишан е договор со изведувачот за набавка на опрема, со што се означува значаен прогрес на проектот чија имплементација треба да заврши до средината на наредната година.
Автоматските ваги и рампи ќе бидат директно поврзани со системот за видео надзор и за препознавање на регистарски таблички, за што во тек е постапка за набавка на софтвер – интегратор, со што ќе овозможи поефикасна контрола и забрзан проток на легалната трговија во согласност со ЕУ стандардите. Воедно, примената на ваквите системи ќе овозможи и намалување на човечкиот фактор, како еден од основните алатки за ефикасна борба со криминалот и корупцијата.