Обвинителството бара максимална казна за Стојанче Јовановски


Судскиот процес против Стојанче Јовановски, обвинет за телесни повреди, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство, денеска влезе во својата финална фаза. Обвинителството предложи судот да го осуди Јовановски на максимална казна за сите три дела, како порака за генералната превенција дека психичкото насилство може да убива како и физичката сила.

Обвинителството, преку прецизираниот обвинителен акт, останува на ставот дека доказите се недвосмислени. Медицинските вештачења, аудио-снимките и сведочењата на семејството, според обвинителката Адела Бојчевиќ, јасно ја оцртуваат состојбата на безизлезност во која живеела Ивана Јовановска, подложена на постојан страв и притисок. Истакнато е дека медицинското вештачење на обвинетиот не утврдило душевно заболување, туку доминанта потреба од контрола и манипулација.

Одбраната, пак, го изнесе спротивниот став, нарекувајќи ги доказите контрадикторни. Адвокатот Ангелевски потенцираше дека сведочењата се посредни и дека обвинителството не успеало да докаже дека обвинетиот ги нанел повредите, ниту пак дека постои причинско-последична врска за делот од обвинението што се однесува на наведување на самоубиство. Самиот обвинет Стојанче Јовановски ги отфрли обвинувањата, припишувајќи ја вината на други лица и тврдејќи дека сведоците сакаат да го оцрнат.

-Критичниот ден Ивана не донела автономна одлука, туку била доведена до психолошки колапс, не гледала алтернатива и перцепцијата ѝ се стеснила на една опција – одземање на живот. Се постави прашањето како може една мајка да посегне по животот на своето дете? Ваквата одлука не е во отсуство на љубов кон ќерката туку во трагично изобличената перцепција на Ивана под траума, илузијата на Ивана дека детето е заштитено ако е со неа. Во состојба на когнитивно-патолошка перцепција дека детето е во непосредна опасност и дека единствениот начин да го заштити е да го задржи кај себе. Тоа се јавува кај жртви на трауми и насилство, верувала дека Катја ќе страда ако остане со Стојанче, рече обвинителката.

Таа додаде дека вклучувањето на детето е последица на психолошкиот колапс на Ивана и на долготрајното насилство, а не на слободна волја.

-Не ја турнал од балконот со рака, но со постојаниот терор ја довел до состојба таа да не види друг излез и затоа неговото однесување не може да се гледа изолирано од последицата. Кај него нема душевно заболување што ќе му го намали расудувањето, јасно ги разбира нормите и последиците од неговото однесување, но свесно одбира да не ги почитува. Има изразена љубомора, манипулативност, контрола, импулсивни агреисвни реакции. Вештаците велат дека систематски ја следел, ги контролирал нејзините комуникации, го минимизирал физичкото насилство со зборовите дека „шамари не се тепање“, нема емпатија, има тенденција да се прикаже како жртва, има потреба за контрола и доминација. Тоа кај Ивана создало состојба на психичка исцрпеност. Насилството кај обвинетиот не е резултат на психотична состојба, туку негова трајна личносна карактеристика – манипулативност, искривување на вистината за самозаштита и тенденција одговорноста да ја префрли на други лица, рече Бојчевиќ.

Таа додаде дека насилството врз Ивана не било изолиран инцидент туку модел на однесување со години, а обвинителката дури и презентираше СМС пораки што Ивана му ги праќала на Стојанче да го прашува дали смее Катја да ја носи на роденден, за тој да не се налути како доказ за неговото насилно и контролирачко поведение. Јовановски ја прекина Бојчевиќ со довикување, поради што судијата Ивица Стефановски го опомена.

Медицинската документација покажала хематоми и нагмечувања кај Ивана. Оштетената живеела во состојба на хроничен страв туку за домот и за своето дете, дека нема да има каде да живее и дека Стојанче ќе ѝ го одземе детето. Обвинетиот не вршел само физичко насилство туку создавал и однос на егзистенцијална зависност кај жртвата, смета ОЈО.

Психијатрите утврдија дека тоа што Ивана Стојановска со себе ја зеде и Катја и скокна од балкон, не е отсуство на љубов кон ќерката, туку трагично изобличена перцепција под траума како резултат на долгогодишното насилство од Стојанче Јовановски.

-Пред бракот била психички здрава без никакви психијатриски нарушувања. Таа подолг период била жртва на семејно и емоционално насилство што ја нарушило психичката стабилност, создало страв, беспомошност и трауматска врзаност. Во критичниот период Ивана била во психолошка криза со стеснето поле на свест. Долготрајното насилство ја разградувало жртвата ден по ден, со години. Вештите лица утврдија психичко последична врска меѓу насилството и психичката состојба на Ивана. Таа не била во можност да ја процени рационално ситуацијата и последиците. Непосредно пред настанот била во афект и со чувство дека нема институционална заштита, рече обвинителката.

Таа додаде дека Ивана стравувала дека ќе остане без сопствено живеалиште за себе и детето, а обвинетиот бил свесен за оваа зависност и го користел тоа како средсство на контрола притисок. Ивана го плаќала кредитот, го уредувала домот, живеела за тој дом и се плашела обвинетиот да не ѝ ја одземе Катја.

-Стојанче многу добро знаел дека најголемата слабост на Ивана се домот и Катја. Барал 30 илјади евра за да ѝ го врати сопствениот дом. Домот бил користен како средство за уцена. Поради страв таа се враќала кај него. Во последните часови кога конечно ѝ се отвора можноста да си ги земе работите и да си замине, обвинетиот со зборовите што ѝ ги упатил „ќе ја земам Катја и ќе ти го земам станот“ ѝ ги активирал нејзините два најголеми стравови. Што и да направи си мислела дека ќе биде без детето и домот и иднината за која се борела, рече обвинителката Бојчевиќ во завршните зборови.

Обвинителството досега изведе повеќе материјални докази односно видео-снимки од камерите на „Сејф сити“ на кои се гледа како Јовановски ја удира Ивана, како и снимки од неговиот телефон на кои Ивана плаче откако е натепана. Презентирани беа и аудио-снимки од повикувачкиот центар 112, каде во повеќе наврати Јовановски бил пријавуван дури и од неговата мајка, за обид за убиство на Ивана. На дел од тие аудио снимки во позадина се слуша очајното плачење на Катја, која извикува „тато ќе ја убие мама“. На друг повик пак, Ивана му се жали на операторот дека некој ја заклучил надвор од станот и не ѝ дозволува да влезе, на што добива совет да се обрати во куќниот совет за резервен клуч, а ако тоа не успее, да се јави повторно за да ѝ пратат противпожарна екипа да ја сруши вратата.

Вештаците од Институтот за судска медицина на минатото рочиште сведочеа дека Ивана имала и повреди на брадата и вратот кои датираат или од денот на самоубиството, или од претходниот ден. Токсиколошките анализи пак презентирани во судница покажаа дека Ивана немала психотропни супстанци во организмот, а Стојанче имал кокаин и дијазепам.