Објавени деталите од сообраќајната несреќа на словенечката претседателка. Пирц-Мусар има скршена клучна коска
Словенечката полиција објави нови информации за сообраќајната несреќа во која во петокот попладне беше повредена претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар.
Според полицијата, причина за несреќата е неодржување безбедно растојание. „Според досега собраните информации, 52-годишниот возач на ‘мерцедес-бенц В300“, во кој патувало заштитено лице, не успеал да одржи безбедно растојание и удрил со предниот дел од возилото во задниот дел од ‘ауди’, управувано од 34-годишен возач, кое претходно било возилото што го придружувало заштитеното лице“, објави полицијата, како што објави Н1 Словенија.
Во соопштението се наведува дека возачот на претседателката е осомничен за предизвикување сообраќајна несреќа од небрежност, што е пријавено во надлежниот Оддел за истраги и кривично гонење на службени лица со посебни овластувања при Специјализираното државно обвинителство на Република Словенија. На двајцата возачи им е направен алкотест, а извршен е и брз тест за присуство на забранети дроги. Резултатите од двата теста биле негативни.
Несреќата се случила неколку минути пред 17 часот на автопатот во правец на Љубљана, во тунелот Кастелец. Претседателката ја скршила клучната коска, додека една од нејзините патнички е тешко повредена. Во возилото, заедно со возачот, биле претседателката, обезбедувач и две патнички.
Двете повредени биле пренесени со амбулантно возило во Општата болница Изола. Кабинетот на претседателката објави дека Пирц-Мусар е отпуштена на домашна нега. Полицијата проценила дека вкупната материјална штета изнесува околу 37.000 евра.
Бидејќи нејзините лекари ѝ наложиле да се одмори, таа ќе го откаже патувањето во Сињ, Хрватска. На покана на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, таа требало да присуствува на 311-то издание на Сињска алка, традиционална витешка игра во Сињ. Пирц-Мусар веќе му се извини на Милановиќ за нејзиното отсуство, а тој ѝ посака брзо закрепнување.