Два хеликоптера се судрија гаснеjќи пожар во Грција
За време на операција за гаснење шумски пожар во областа Псата во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во воздух се судрија два хеликоптера кои учествуваа во гаснењето на пожарот, а во тек е акција за спасување на членовите на екипажот, јави дописничката на МИА од Атина.
Од противпожарната служба на Грција соопштија дека веднаш беа мобилизирани сили за спроведување операција за пребарување и спасување на членовите на екипажите.
Според видеото објавено на социјалните мрежи во Грција од моментот на сударот, едниот од хеликоптерите веднаш по сударот се запали и падна во шумско подрачје.
Според неофицијалните информации на МИА пилотите на двата хеликоптера се романски државјани, додека пак координаторите се Грци.
– Во двата хеликоптера беа вкупно четворица мажи, од кои двајца грчки и двајца странски државјани. Двајца од нив се пронајдени живи, додека двајца беа извлечени без знаци на живот и беа преземени од возила на итната медицинска помош, соопштија од противпожарната служба на Грција.
Тие додадоа дека двата изнајмени хеликоптери полетале од аеродромот Елефсина во близина на Атина, а надлежните органи ги истражуваат точните причини и околностите под кои се случила несреќата.