Ниското ниво на Дунав во Бугарија откри коски на мамут
Коски од мамут се неочекувано пронајдени во коритото на реката Дунав во Бугарија, кое беше спуштено поради екстремно ниски нивоа на вода, јавува германската новинска агенција ДПА.
Коските се откриени од локален жител во близина на бугарското село Рјахово, недалеку од градот Русе.
Регионалниот историски музеј во Русе вели дека откритието се состои од долна вилица, два заби и ребро од мамут.
Експертите сега треба да ги анализираат остатоците за да го утврдат нивното точно потекло и возраст.
Остатоци од праисториски животни не се невообичаени во регионот Русе. Градскиот музеј содржи некои поранешни откритија, како и модел на мамут во полна големина.
Пронајдените коски сега се наоѓаат и во музејот, каде што ќе бидат анализирани од експерти.
„Остатоците прво мора да се исушат тука“, изјави портпаролката на музејот Силвија Костадинова за ДПА во Софија. Дури потоа можат да се зачуваат, додава германската новинска агенција.