Драма на аеродромот во Сплит: Суспендирани сите летови


Вистинска драма се одвивала синоќа на аеродромот „Свети Јероним“ во Каштел, поради што целиот авиосообраќај бил во прекин на два часа.
Причината е дрон кој во два наврати во период од половина час бил забележан во близина на аеродромот, пишува Марко Билиќ, новинар на Слободна Далмација, пренесе СЕЕбиз.

Од безбедносни причини, властите ги прекинаа сите полетувања и слетувања, што создаде огромна гужва. Додека авионите кружеа по небото околу аеродромот, патниците ја преполнија чекалната.

„Во два наврати во близина на пистата се појави дрон, бидејќи не беше пријавен во контролата на летот, го сметавме за закана, па постапивме согласно процедурата и привремено го прекинавме целиот воздушен сообраќај. Ситуацијата не е контролирана и поради безбедноста на авиосообраќајот моравме така да постапиме. Сè беше направено по процедура, на безбеден начин“, изјави Мате Мелван од аеродромот.

Употребата на дронови во близина на контролиран воздушен простор претставува директна закана за безбедноста на авионите, екипажот и патниците. Во согласност со строго дефинираните безбедносни протоколи, аеродромот во Сплит остана затворен за сообраќај се додека целосно не се елиминира и најмала можност за присуство на дрон во воздухот.

Засега не се знае кој е одговорен за синоќешното појавување на дрон на небото над аеродромот.