Колапс на границата меѓу Хрватска и Црна Гора: Редови подолги од 20 километри


На граничните премини меѓу Хрватска и Црна Гора – Карасовиќи (Дебели Бријег) и Витаљина (Конфин) – од раните утрински часови е забележан целосен сообраќаен колапс. Според информациите од терен, се формирала редица возила долга повеќе од 20 километри, која се протега сè до Чилипи и Жупа Дубровачка.

Според официјалните податоци од Хрватскиот автомобилски клуб (ХАК), објавени од N1 БиХ, чекањето за преминување на границата е повеќе од десет часа, додека возачите заглавени во редицата истакнуваат дека некои застои траат многу подолго.

Хрватски „Индекс“ пишува дека, според неофицијални информации од терен, чекањето на границата со Црна Гора наводно е до 28 часа.

Сообраќајот кон населбата Груда и околните градови е целосно блокиран, поради што на локалните жители им се препорачува да користат споредни селски патишта. Поради екстремно високите температури, многу патници излегуваат од своите автомобили и бараат освежување покрај патот.

Градоначалникот на општина Конавле, Божо Ласиќ, изјави дека оваа ситуација е неприфатлива, нагласувајќи дека жителите со часови се спречени да стигнат до своите домови.

Местото население им помага на патниците, пристигна цистерна за вода

Обезбедена е цистерна за вода за да им помогне на патниците заглавени на високите температури.

Локалните жители, исто така, се придружија на акцијата за солидарност, делејќи вода на возачите и патниците во километарскиот конвој и обезбедувајќи тоалети во нивните домови.

На сите возачи кои планираат патување до Црна Гора од Босна и Херцеговина или регионот преку оваа рута им се препорачува да ја избегнуваат оваа делница до понатамошно известување.