Обединетите Арапски Емирати излегуваат од ОПЕК по шест децении членство
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) официјално објавија дека ги напуштаат организациите ОПЕК и ОПЕК+, составени од најголемите светски производители на нафта.
Оваа историска одлука доаѓа по речиси шест децении членство, а државниот врв на Емиратите појасни дека потегот е во согласност со нивната „долгорочна стратешка и економска визија и развојниот енергетски профил“.
Министерот за енергетика на оваа земја од Персискиот Залив изјави дека ослободувањето од обврските кон картелот ќе овозможи поголема флексибилност во управувањето со нивните ресурси.
ОАЕ беа дел од ОПЕК од 1967 година, а со нивното заминување во организацијата остануваат 11 земји членки.Експертите оваа одлука ја опишуваат како огромен удар за картелот. Сол Кавоник, раководител на енергетски истражувања во MST Financial, оцени дека ова е „почеток на крајот на ОПЕК“. Објаснувањето е дека сега ОАЕ нема да биде лимитирана колку да произведува нафта, а повеќе производство ќе значи пониска цена. ОАЕ се пожали дека досега придонесувала за стабилноста на пазарот и дека за таа цел се „жртвувала“.
Со напуштањето на ОАЕ, ОПЕК губи околу 15% од својот производствен капацитет.Емиратите се сметаа за еден од најдисциплинираните членови во почитувањето на квотите. Според последните податоци, ОАЕ произведуваат околу 2,9 милиони барели нафта годишно. Саудиска Арабија, како неофицијален лидер на ОПЕК, сега ќе се соочи со сериозни тешкотии да го одржи единството на преостанатите членки. Аналитичарите предвидуваат дека Саудиска Арабија ќе мора сама да го преземе „тешкиот товар“ во управувањето со пазарот и внатрешната усогласеност.