Заштитeни сведоци во „Тврдина“, „Талир“ и „Тендери“?


Специјалното јавно обвинителство самото ќе одлучува кое лице ќе биде заштитен сведок во случаите што ги водат, односно ќе биде вклучено во програмата, а не како досега да се чека решение на Советот за заштита на сведоци и тоа исклучиво по предлог на државниот јавен обвинител. Специјалниот јавен обвинител ќе одлучува и за определување на мерката – промена на идентитет, чување во тајност на идентитет, обезбедување на лична заштита и промена на живеалиште.

Ова се клучните новитети што ќе се случат во судската пракса во земјава доколку во Собранието поминат предлог-измените на Законот за заштита на сведоци, кои веќе добија амин од Владата. Од СЈО коментираат дека нивни претставници биле вклучени во работната група за подготовка на предлог-измените, и тие се во согласност со нивните барања и потреби. За да помине законот, потребно е просто мнозинство во парламентот, но се инсистира на консензус меѓу сите политички субјекти поради што и законот за формирање на СЈО беше во договор меѓу најголемите партии. Претходно, додека ВМРО-ДПМНЕ владееше со земјава, барањата за целосна автономија на СЈО околу прашањето на заштитата на сведоци не поминуваа.

Специјалните обвинители што вчера ги консултиравме не сакаа да изнесуваат детали од процесите што ги водат објаснувајќи дека не смеат да ја нарушат безбедноста на потенцијалните сведоци, како и да го нарушат самиот тек на постапката. Адвокатската фела, пак, која работи или е директно поврзана со случаите што ги води СЈО, шпекулира дека заштитени сведоци се токмат за три случаи: „Тврдина“, „Талир“ и „Тендери“.

Во случајот „Таргет – Тврдина“ се обвинети десетина лица, меѓу кои поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, како и началниците од УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои побегнаа во Грција и таму чекаат одлука за екстрадиција. Тие се осомничени дека ја уништиле опремата за прислушување.

Случајот „Талир“ се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ и се води против десетина лица, меѓу кои и експремиерот Никола Груевски.

Во случајот „Тендери“ првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канчевска-Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, од проектот „Скопје 2014“.

Случаите со заштитен сведок бараат целосна претпазливост и внимателност, оти и најмала грешка, најмал детаљ што ќе излезе надвор може да биде кобен“, објаснуваат адвокатите.

Според актуелниот закон, за заштита на сведок одлучува Советот и тоа по предлог на државниот јавен обвинител. Во Советот членуваат судија од Врховниот суд, претставник од Јавното обвинителство од редот на замениците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкциите, претставник од МВР и раководителот на одделението во МВР. Досега, имаше неколку случаи во кои сведочеа заштитени сведоци, но никогаш не се случило на некој сведок да му биде променет идентитетот или адресата на живеење поради опасност од одмазда на обвинетите.

Горан Адамовски