За љубовта се работи

Звонко Давидовиќ

Над нацистичка Германија полека стивнува денот на 30 јуни и ноќта полека ги прекрива градовите и селата. Никој и не сонува дека таа ноќ и наредните две ќе бидат запишани во историјата на човештвото како Ноќ на долгите ножеви, симбол за политичка егзекуција. Хитлер со егзекуција на 85 сопартијци и сонародници ги исчистил своите партиски редови во име на љубовта кон Германија. Германија над сè, Германија пред сè и секого -хистерично врескал сè до своето самоубиство среде разурнатиот Берлин и опустошената Германија. Резултат на Хитлеровата љубов кон својот народ е 65 милиони загинати во војната или скоро четири отсто од вкупното население , осум милиони загинати Германци и разурната и опустошена држава поделена со ѕид во наредните децении.

Седумдесетина години подоцна во Македонија една врескачка облечена во бунда, качена на буре, повикува на ноќ на долгите ножеви и повторно во име на љубовта. Само четири месеци подоцна Македонија ја доживува таа ноќ на долгите ножеви, кога во име на љубовта кон татковината е извршен обид да се ликвидираат политичките неистомисленици.

Крвавиот четврток е македонската ноќ на долгите ножеви, но мотивот не е ист како пред седум децении. Не е целта на оваа ноќ освојување или задржување на власта поради власта, туку поради прикривање на криминалот и одбегнување на кривичната одговорност. Љубовта на криминогената структура на тогашната партија на власт ја чинеше Македонија околу пет милијарди евра и стотици илјади иселени млади и перспективни луѓе.

Две години подоцна истата таа структура со своите сателити, подлизурковци и безрбетници криминалот го прикажува како љубов кон татковината, а одбегнувањето на одговорноста како патриотизам.

Амнестија или не, промена на име или не, преговори и уцени, условувања и подметнувања, реформи, платформи, референдум и многу омраза и бес. Тоа е накратко нашето политичко и општествено секојдневие кое е всушност надмудрувања не со соговорникот туку со народот на кој секој се обидува да му подметне љубов и квазипатриотизам. Љубов кон татковината, љубов кон корењата, историјата, државата, љубов кон Македонија.

Народот поделен, исплашен, загрижен и збунет ја поддржува едната или другата опција искажувајќи бес, омраза и нетрпеливост кон секој кој има поинакво мислење од она за кое секоја од групите мисли дека е исправно.

Подметнувањето на љубовта, приватизирањето и приграбувањето на правото на патриотизам и исклучива вистина од страна на една мала по број, но голема по моќ, криминално-политичка структура го раздели народот по сите основи и прашања само и само за да се спаси од одговорноста, правдата, конфискацијата.

Купување плацеви на Водно по багателни цени, проценти од тендери во приватен џеб, преземање на фирми и уништување на конкуренцијата не е љубов кон татковината и народот туку е криминал од најлош вид поради злоупотребената доверба и дадената власт. Тоа е директно осиромашување на народот и брцнување во и така празниот народен џеб. Не ве сака некој што ве краде, тој само ве искористува за лични цели.

Лажирање избори, незаконско финансирање и мајтапење со волјата на гласачите не е љубов кон татковината, државата и народот, туку е криминал со намера и желба да се остане на власт и да се биде недопирлив заради прикривањето на финансискиот криминал. Не ве сака некој кој не ви го почитува гласот, правото на слободна мисла, слободен збор и убедување, не ве сака некој кој ве нарекува „човечиња“, тој само ве искористува за лични цели и потреби.

Прекројувањето на историјата, антиквизацијата на државата, славење на квазипатриоти и барокните градби се само мајтап со народот, неговото минато и неговата иднина и никако не се и не можат да бидат љубов кон татковината. Непочитувањето на најсветлиот дел од македонската историја, непочитувањето на Кирил и Методиј, антифашистичката борба, не се љубов туку заглупување на народот и мајтапење со неговата колективна меморија, историја и иднина.

Не се работи овде за љубовта кон народот и татковината, туку се работи за љубовта кон самите себеси и украдените пари, моќ и власт и спасување на својата криминална кожичка.

Љубовта кон татковината, историјата, името, идентитетот потпомогнат со исти такви „патриот паразити“ со љубов кон „правдата“ и нивната „успешност“ во судството на крај се сведува на огромен криминал и грабеж, со лично богатење и страв од одговорност. Затоа секоја своја постапка ја завиткуваат во љубов кон апстрактното за да го сокријат конкретното истурајќи го делот од народот, кој сè уште им верува, напред како штит.
Зарем некој може да каже дека ја сака својата татковина и нејзиниот народ, идентитет и историја, а намерно и свесно ја фалсификувал целата историја и идентитетот, правејќи го сиот народ нешто што не е. Зарем со кражба се покажува љубов? Љубов ли е правната несигурност, нееднаквост пред законот, двојните аршини, недопирливоста и неодговорноста за блиските, монтирани судски предмети за неистомислениците? Зарем народот и земјата се сакаат со делење и раздвојување, со сеење етничка и верска омраза, со нетрпеливост кон неистомислениците? Зарем меѓународната изолација и константен спор со комшиите е љубов кон својата држава?
Продавање магла, патолошка неискреност, клептоманијата, омразата и кукавичлукот не се ниту некогаш биле љубов туку отсекогаш биле предмет на интерес на психијатријата. Еднаш засекогаш мора да увидиме дека тоа што го бараме на крајот е општество кое е во мир со себеси, општество кое може да живее со својата совест. Такво нешто се постигнува само со расчистување на сите криминали, сомневања и измами, секој да го добие заслуженото за пример и сеќавање. Е, така се сака својата држава.