Нов закон за миленици во Македонија – казни до 400 евра за несоодветно чување кучиња, до 5.000 евра за мачење
Драстично зголемување на паричните казни за физички лица, од 400 евра за несоодветно чување и шетање на куче, до 5.000 евра за мачење, сурово и нехумано постапување или убивање животно, предвидува предлог-законот за заштита и благосостојба на животните, објави Телма.
Измените главно се насочени кон решавање на проблемот со напуштањето на домашните миленици, нивното неконтролирано размножување и трговија за што краен резултат треба да биде намалување на бројот на бездомни кучиња.
„На сопственикот кој ќе го напушти својот миленик трајно му се забранува држење на миленици; Се забранува неконтролирано размножување, продажба и давање на подарок домашни миленици… Се забранува чување на домашен миленик – куче, постојано врзано на ланец или во затворен дел од ограден простор, без да се овозможи слободно движење надвор од тој простор најмалку еднаш во денот, со цел да се задоволат неговите физиолошки и физички потреби… Се збаранува зашеметување, колење или усмртување на животни за ритуални цели…“, се дел од измените предвидени со предлог-законот.
Предлог-законот предвидува и задолжителна стерилизација на домашни кучиња, забрана за продажба и давање на подарок домашни миленици од нерегистрирани одгледувачи, а одгледувачниците, пред да го направат тоа, ќе мора новите легла да ги пријават кај ветеринар, но и кому ги дале. Една мачка или кучка нема да смее да има повеќе од едно легло годишно.
Се предвидува и формирање на Центар за трајно згрижување, сместување и посредување при вдомување на напуштени и бездомни животни, но и сместување кај привремени вдомувачи.
Регулирана е и регистрација на пансиони за миленици, продавници, одгледувачници.
Освен инспекторите на АХВ должност да вршат контроли на спроведува на законот ќе имаат и Државниот комунален инспекторат, општинските комунални инспектори и на градот Скопје, како и МВР.
Законското решение е изготвено од Агенција за храна и ветеринарство, а усогласено со Ветеринарната комора, Ветеринарниот факултет, министерствата за животна средина и локална самоуправа, како и ЗЕЛС и здружението Анима Мунди, во рамки на Работната група за стратегија и управување со популацијата на бездомни животни.