Notre Dame de monde


ЕРОЛ РИЗАОВ

Дента кога  премиерот на Југославија, Анте Марковиќ, требаше да биде примен од претседателот на Франција, Франсоа Митеран, означено како историска средба во која гледавме спас од распаѓање на државата и од граѓанска војна, новинарите, нестрпливи, неколку часа порано се упатија кон Елисејската палата да го чекаат исходот. Чувствував потреба да се издвојам од големата група колеги  и сосема случајно стасав пред Богородичната катедрала. Ме изненади едноставноста да влезам во овој божји храм што го знаев само од историите на уметност на средниот век и од делата на  Виктор Иго. За една минута бев внатре  без некои посебни процедури. Седнав на една од дрвените  клупи  и ги гледав долго  витражите во чудесни бои, морав речиси да залегнам на клупата за да ги видам високите сводови. Импозантноста на големата сала, тишината, шепотот на верниците и молкот, дури и на љубопитните туристи, те прават да бидеш дел од таа атмосфера и  да ја кажеш својата молитва, без оглед од која вера си и од која нација. Се помолив, да опстане Југославија.

Подоцна кога се придружив на колегите и кога видов како Митеран го испраќа Марковиќ со прегрнување, двајцата насмеани, поверувавме дека Југославија е спасена. Дарко Рибникар, потомок на основачите на белградска „Политика“, тогаш дописник од Париз, ми рече готово е, Југославија е спасена.Такви наслови и извештаи пративме од Париз за нашите тогашни редакции. Се спомнуваа бројки од десетици милијарди долари за брза подготовка Југославија експресно да стане членка на ЕУ пред сите други земји на Централна и Источна Европа. Не мислев дека мојата „молитва“, која нема врска со ниедна вера, нешто помогна, ама сепак бев убеден дека без оглед дали правдата е Божја, или световна, или вселенска, таа ако си на нејзина страна секогаш победува. За жал, не било секогаш така. Национализмот е посилен од сите молитви. Југославија исчезна во реки  крв и страдања на милиони луѓе. Вчера, кога гледав вџашен како гори катедралата, како пламенот го голта светското ремек-дело, ми дојдоа на ум сите детали што ги видов во Нотр Дам и за она за што се молев. Си реков, можно ли е сето тоа да исчезне, да го снема, Боже, што сè има внатре, што се гледа и особено што не се гледа, слики, ремек-дела, витражи, книги, автентични артефакти, но сепак највредна од сè е самата  катедрала, здание од 12 век кое ги преживеало сите војни и несреќи.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, рече: Со пожарот изгоре нешто кај секој Французин. Тој ги познава добро своите Французи и сигурно е така, што добро се виде додека ја пееја плачејќи „Аве Марија“ за да ги охрабрат пожарникарите да го спасат тоа што може да се спаси. Така и бидна, многу од големите вредности на катедралата се спасени. Она што повторно ме натера да со помолам додека пламените јазици ја голтаа катедралата е  оваа несреќа да не е терористички акт. Тоа уште повеќе би ја поттикнало омразата и би предизвикало нови поголеми несреќи, страдања  и трагедии. Првите вести кажуваат дека е можно  причините да бидат од невнимание при реконструкција и изведба на градежни зафати. Тоа е веста што се прима со олеснување, ама само за кратко, додека не почнат лажните вести и теориите на заговори и застрашувања. Веќе од утре никој нема да верува на официјалните истраги ако не се совпаѓаат со истрагите на социјалните мрежи. Таков е овој свет.

Она што импресионира првото утро по пожарот, додека сè уште тлеат остатоците од изгореното и се расчистува внимателно пепелта, е обединувањето на светот за реставрација на Нотр Дам д’Пари која од вчера  стана Нотр Дам д’монд. Светот е на нозе. Донации од стотици милиони евра фрчат од сите страни, Путин нуди руски експерти за реконструкции, Грција ги нуди своите услуги, Ватикан, Ерусалим, земјите на цела Европа, Америка, Азија, Африка, Австралија, сите се подготвени да помогнат. Претседателот Макрон ги утеши Французите дека катедралата ќе биде обновена и реконструирана до последниот милиметар. Никој да не се сомнева дека за еден од следните велигдени, светот ќе се сјати во Париз за да ја види обновената Нотр Дам.

Ете, светот се обединува во вакви ситуации и несреќи. Не можам, а да не кажам што правиме ние. Тие го спасуваат светското културно наследство. Што спасуваме ние? Не можеме да се обединиме ни за отстранување  епидемија која ја покажува заостанатоста негде пред половина век. Македонија на целата територија прогласи  епидемија од  овчи сипаници, одамна  искоренета заразна болест, ама ете има „експерти“ кои се против вакцините. Проповедаат ужас со застрашување на родителите да не подлегнуваат на пропагандите за вакцинирање. Родителите, пак, не ги признаваат правата на своите деца. Вакцините биле опасни и можат да предизвикаат не знам какви сè не болести кај  децата. Досега резултатот е катастрофален, граѓаните на Македонија повеќе веруваат на шарлатани отколку на науката и на светските искуства. Епидемијата на примитивизмот изгледа никогаш не е излечена. Си ги боледуваме хронично старите болести.

Се разбира, во несреќи и ние ја искажуваме нашата голема солидарност. И кај нас гореа цркви и манастири и џамии и други божји храмови. Некои се обновени, некои чекаат донации. Останува уште ние да се реконструираме, или кажано поедноставно, да се обновиме. Но очигледно, тоа не е можно со донации. Треба нешто повеќе.