Ниеден амандман не е прифатен во расправата за техничката влада


Фото: Б. Грданоски

 

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците попладнево ја одржа амандманската расправа за изменување на Законот за Владата, по скратена постапка. Министерот за јавна администрација Горан Минчев не прифати ниту еден од амандманите кои беа поднесени од пратениците на „Европскиот фронт“.

Пратениците од опозицијата го оспоруваа укинувањето на Пржинската влада, а тие од „Европскиот фронт“ тврдеа дека тоа не било договорено на лидерската средба, како што изложи министерот Минчев.

Министерот за администрација Минчев за забелешките дека законот се носи по скратена постапка рече дека се има предвид дека не станува збор за ново законско решение, туку се работи на усогласување со постојната законска регулатива. Во однос на укинувањето на Пржинската влада, рече дека не може да „сфати“ како дел од пратениците за првпат дознаваат дека „ова законско решение се носи за 30 часа“ и дека во некои партиски соопштенија се вели дека се носи на „шверцерски начин“. 

„Тоа е карактеристично за тие партии што се бават со шверц. Но, да ги погледнеме аргумените и фактите. На 14 јануари за првпат е отворена дискусија за овој закон на лидерската средба на која беше и лидерот на ДУИ Али Ахмети и фронтмен на ‘Европскиот фронт’. И мене ме зачудува ваквата некоординираност на пратениците од ‘Европскиот фронт’ да не се запознаени со таа лидерска средба на која господинот Али Ахмети кажа дека нема ништо против укинување на оваа техничка влада, но остави запирка да се консултираат нашите стратешки партнери а тоа се САД или Европската унија. Притоа од страна на премиерот беше одговорено дека тие се консултирани и дека тие немаат ништо против ова решение. И тоа е одговор на вашето прашање“, рече Минчев.