Ни требаaт избори претседател-потпретседател по американски терк

Роберт Несими

Главна тема на претстојните претседателски избори повторно е вториот круг. Притоа главната грижа не е тоа кој ќе победи, туку повторно можноста во вториот круг да не се постигне потребниот цензус на излезеност од 40 отсто. Таквото пропаѓање на претседателските избори ќе ја втурне земјата во нова политичка криза, која ќе резултира со нови преговарања и договарања помеѓу партиските лидери, изгубено време и повторно излегување на претседателски избори со повторена можност тие пак да пропаднат.

Самиот факт што проблемот со постигнување на цензусот се повторува при секои избори кажува дека тоа е системски проблем кој не може да се реши со моментални финти и политички итроштини, туку треба да се адресира на системско ниво. А, главен извор на проблемот е што во вториот круг речиси сигурно влегуваат само СДСМ и ВМРО, со што гласачите надвор од овие партии се демотивирани да излезат да гласаат. Албанците, но и помалите етнички заедници, како и етничките Македонци од сите други партии, реално немаат што да добијат или да изгубат ако излезат или апстинираат од гласање, па затоа е тешко да се убедат да го сторат тоа. Така, цензусот секогаш виси, а тоа им остава простор и на СДСМ и ВМРО да играат на карти на бојкот, што дополнително го комплицира целиот процес.

Досега во јавноста кружеа две идеи како да се надмине ова ситуација, но сметам дека двете се во суштина недемократски. Првата идеја е да се намали цензусот или тој целосно да се укине. Ова финта беше искористена во 2009 година, кога цензусот се намали од 50 на 40 отсто, но и тоа не го реши проблемот. Другата идеја е претседателот да се избира во Собрание, т.е. воопшто да не се прашуваат граѓаните туку изборот да биде предмет на договарање помеѓу политичките партии. Речиси е сигурно дека со тоа претседателот ќе стане продолжена рака на власта, со што се губи и смислата за постоење на таква функција. Значи, проблемот со двете идеи е дека се решенија со кои граѓаните се исклучуваат од процесот на избор на претседател, односно се решенија со помалку демократија.

Пред пет години во колумна за весникот „Коха“ предложив трето решение, кое сметам дека е сè уште одржливо, па за новите околности дури и пожелно. Идејата е да се копира американскиот начин на избор на претседател, т.е. да се воведе функција потпретседател на државата кој би се избрал на заеднички „тикет“ или листа со претседателот. Паралелно со американскиот модел, каде што потпретседателот по автоматизам претседава со Сенатот, нашиот потпретседател воедно би бил претседател на Собранието, односно спикер со петгодишен мандат.

Со ваков модел на избор на претседател-потпретседател не би се решил само проблемот со константната можност за пропаѓање на изборите, туку и неколку други поврзани проблеми, со што на крајот на краиштата земјата би станала подемократска. Еве неколку причини зошто ваквото решение е пожелно.

1 – Наместо еден куп кандидатури, на избори би имале два-три пара претседател-потпретседател, веројатно од различни политички партии. Со тоа мотивацијата за излегување на гласање не би се сведувала само на ВМРО и СДСМ, туку и на минимум уште две големи политички партии. Многу често изборите би се завршиле од првиот круг.

Се разбира помасовната излезеност на претседателски избори не е доволна причина за воведување на нова функција – потпретседател на држава. Сепак тоа е добар нуспродукт на воведување на таква функцијата, и ќе доведе до тоа изборите да бидат посигурни, поуспешни и со помасовно учество на гласачите. Тоа ќе резултира со поголем политички мандат и политички легитимитет на избраниот претседател и потпретседател, па и на самите функции. Воведувањето на функција потпретседател практично ќе ја зајакне легитимноста и моќта на функцијата претседател на државата, со што подобро ќе служи како контрабаланс на Владата, како што е првично наменето.

2 – Ако потпретседателот воедно биде спикер на Собранието, таа функција ќе добие во тежина бидејќи ќе ја води лице со многу поголем легитимитет од сите претходни спикери. Во последните 30 години спикерот пред сè е избран како пратеник, и како таков е избран со многу мал број гласови. На пример, целата листа на која е избран Талат Џафери доби само 40.000 гласа, а не е невозможно утре да имаме некој друг спикер од партија која нема ниту 1.000 гласови. Спикерот секогаш има преголема моќ споредено со гласовите што ги добил, а бидејќи така нема политичка моќ, никогаш не може да биде вистински контролор и противтежа на Владата, како што е наменето. Овој проблем автоматски би се решил ако спикерот се избира директно на избори како потпретседател. Во тој случај, тој би имал над 450-500.000 гласа и би бил фигура со многу поголем легитимитет и авторитет од сите пратеници, баш како му доликува на еден спикер.

3 – Ова истовремено би го решило и проблемот со наследноста на претседателот. Имено во случај на онеспособување на претседателот него го заменува спикерот. Во сегашниот систем тоа значи дека претседател станува лице кое има најмногу неколку илјади гласови. Во новиот систем претседател би станал потпретседателот спикер, т.е. лице кое е избрано со над 450-500.000 гласа, заедно со претседателот. Во сегашниот систем замената на претседателот не ја претставува волјата на граѓаните; во новиот систем тој би бил токму лицето кое е директно избрано за ваков случај.

4 – Меѓу другото, улогата на претседателот е да биде функција која обединува во време на политички кризи и придонесува во надминување на истите. Но во сегашни услови претседателот всушност нема којзнае какви механизми за да го постигне тоа. Засилен со потпретседател, кој е истовремено спикер, на функцијата ѝ се отворат нови можности да ги диктира политичките настани, т.е. преку контрола на агендата на Собранието. На тој начин тој ќе има повеќе моќ да придонесе за надминување на кризите.

5 – Ваквиот начин на избор на спикер ќе значи и континуитет во работата на Собранието. И во време на парламентарни избори Собранието ќе има спикер (во 2017 година Собранието неколку месеци немаше спикер), нема да биде веќе спорно кој и како треба да ја свика првата седница и кој би бил претседател во случај на онеспособување на постојниот. Ќе се надминат и сегашните уставни дупки за немање кој да потпише укази, за што локалните избори се одложија на неколку месеци. Генерално, тоа ќе значи постабилно Собрание, постабилни и подемократски институции.

Горенаведените причини не се таксативни, но верувам се доволни да се отвори дебата за потребата за нов начин на избор на претседател и подобро функционирање на институциите претседател и Собрание. Се разбира, остануваат да се допрецизираат техничките и правните аспекти, бидејќи ќе има потреба за менување на Уставот, но во сржта сметам дека ова е добар и изводлив начин за подобрување на политичкиот систем на Македонија.