Ни Господ ни УНЕСКО не можат да го спасат Охрид


ЕРОЛ РИЗАОВ

Не е познат точниот датум кога почнуваат јавните предупредувања на научници и компетентни личности од светски глас за заштита од алчните луѓе на Охрид и Охридското Езеро, но сигурно тоа е многу повеќе од еден век. Трагично е сознанието како со години сè повеќе се повикува и „вложува“ за спас на езерото и градовите во неговото крајбрежје, особено Охрид, така што деградацијата до обезличување и уништување на ова светско богатство е сè поголема и позастрашувачка. Последната опомена пред исклучување од УНЕСКО што стаса деновиве е само уште еден обид да се алармира, по којзнае кој пат, дека ако луѓето не знаат да управуваат со својата сиромаштија, не можат да управуваат ни со своето богатство. Со арамиите и алчните мафиози, кои се во спрега со политичари кои го озаконуваат грабежот во организиран криминал, не може да се справи ни УНЕСКО ни Господ. На Охрид и езерото му се потребни „принудна управа и просветена диктатура“ од странски независни експерти за да може да се спасат. Стравувам дека и тоа не е доволно оти имотот може да го заштитиш и оградиш од стока, но не можеш од луѓе.

Добро се сеќавам како да беше вчера, а не пред повеќе од 15 години, колку комисијата на УНЕСКО за Македонија во респектабилен состав од повеќе академици, во која бев член, имаше големи маки да ги убеди ОН и УНЕСКО да не се откажат од Охрид и од својата заштитна функција. Академиците Матеја Матевски и Цветан Грозданов ја повикаа во Охрид регионалната и европската научна и еколошка елита да го одбранат тоа што беше неодбранливо. Податоците за агресивната комерцијална изградба на објекти кои не се во согласност со природниот амбиент и кои излегуваат од основните стандарди беа евидентни, без можност за никакво оправдување. Нарушувањето на изгледот на стариот град и на чаршијата, уривањето со минирање на културни споменици под заштита на државата, како што беше со џамијата на Султан Мехмет на Имарет, бескрупулозниот повеќедецениски лов на охридската пастрмка и белвица, вознемирувањето на живиот свет со глисери, скутери и стари бродски мотори, нефункционирањето на колекторите за заштита на езерото, неефикасната и корумпирана инспекција и служби предизвикаа сериозни колебања кај УНЕСКО, чии експерти сепак ги прифатија ветувањата на уважените академици и научници дека состојбите ќе се санираат.

За жал, ништо од тоа, само неколку години подоцна започна уште поголемото обезличување на Охрид и на езерото и најголемиот грабеж на тоа богатство во времето на владеење на Никола Груевски. Денес од премиерот Зоран Заев и Владата со право се очекува да запрат тоа грабање и уништување на најголемото национално богатство, да се отстранат сите градежни монструми и бербатлаци кои и натаму непречено го девалвираат пред наши очи и пред светот највредното што го имаме.

Еве неколку цитати од мојата архива објавени по истите поводи како и сега, кои јасно кажуваат дека само врескаме напразно, додека градежната мафија, рибокрадците и корумпираните политичари, сè поосилени од политиката, го испразнија и намалија и езерото и го снеубавија Охрид до непрепознатливост.

На 31 јануари 2013, значи пред повеќе од шест години, напишав: „Деновиве целиот наш државен врв се излигави пред индискиот милијардер, кој ќе правел ‘Дизниленд’ од Охридското Езеро и Лас Вегас од Љубаништа. Нема, нема па ќе стаса некој абер во низа дека мексиканскиот милијардер Слим ќе истури милијарди во Охрид и во Македонија, па шеикот од Катар многу бил заинтересиран да потроши стотици милиони долари во Охрид, но и за енергетика и земјоделство, па потоа стаса веста дека ќе патуваме со брод од Скопје до Солун и до Белград. Ќе се гради пловен канал Дунав-Морава-Вардар-Солун, така ќе се поврзат Црното и Егејското Море“.

Ете, имаше и вакви небулози што јавноста ги голташе. Неколку месеци подоцна, на 19.8.2013 му напишав отворено писмо на премиерот Никола Груевски. Еве неколку реченици како потсетување: „Како што ви е добро познато, на македонскиот духовен центар му се заканува голема опасност поради вашата погрешна политика. Охридското Езеро и древниот град на повеќе цивилизации, славниот Охрид, можат да бидат избришани од картата на светското културно наследство на УНЕСКО. Очигледно само Вие и Вашите министри не сте изненадени од оваа вест, бидејќи тоа го знаете подолго време, а молчите за големиот срам и го криете тоа од домашната и од светската јавност. Од Париз стаса веста, а не од Вашиот кабинет дека на Охрид и на Охридското Езеро му се закануваат бришење од најзначајниот список на светската културна оставина. Поради изградба на грандомански објекти што ги нарушуваат природната околина и автентичноста и историскиот пресек на Плаошник-Имарет и поради големиот проект на индискиот бизнисмен Субрата Рој кај Свети Наум, во седиштето на УНЕСКО во Париз кај покровителот има сериозна загриженост што се случува во градот и во езерото под негова заштита.

Петја Точарова, раководителка на Одделението за светско културно наследство во Европа и во Северна Америка, даде шокантна изјава: „Загрижени сме за она што се случува во Охрид и што може да ја намали вредноста поради која градот е ставен на листата на културно наследство во светот“. Експертите на УНЕСКО успеале со обемна преписка која сигурно ви е позната да ги убедат одговорните во Министерството за култура да испратат официјална покана за да дојдат и да видат на самото место што се случува. Комисијата на УНЕСКО, според нивна најава, ќе стигне во Охрид во септември-октомври. Неопходно е дотогаш креаторот на Плаошник и неговата околина да се подготви и да им објасни на стручњаците на ОН која е идејата да се смени јадрото на стариот град и покрај Светклиментовата црква, да се деградира голем простор за изградба на Светиклиментовиот универзитет, да се урнат повеќе објекти, да се исече дел од шумата и да се измени околината… Премиере, Ваша должност и на Владата е да ги штитите државните интереси и духовните идентитетски вредности… затоа отстранете ги сите политички и комерцијални булдожери, шлепери и проекти од Плаошник, Љубаништа, Свети Наум кои го сквернават градот на УНЕСКО, духовниот и културниот центар на Македонија и најголемото наше природно богатство, водите на Охридското и Преспанското Езеро, на Црн Дрим и крајбрежјето. Придвижете ги механизмите на власта и на надлежните институции да се испита одговорноста за направените штети. Секое прикривање на ова злосторство ве прави соучесник“.

„Одговорот“ на ова отворено писмо стигна по две години 2015 година кога сфаќањата на Груевски за Охрид и езерото се обелоденија од негов поранешен соработник кои никогаш не беа демантирани. Шокантни беа тоа незнаење и тој примитивизам на еден премиер. На владина седница, Груевски предложил да се разгледа идејата да се искорне трската од водите и крајбрежјето на Охридското Езеро и да се направат плажи, да се изгради околу целото езеро бетонски парапет со висина од половина метар и да се увезе убав песок за плажите. По благото и внимателно предупредување до премиерот од експертите присутни на владината седница дека тоа ја нарушува еколошката рамнотежа и може да го оневозможи мрестењето на рибите, особено на охридскиот крап, Груевски поентирал со прашањето: „Дали ќе правиме туризам или ќе ловиме риби“.

Ете до таму стигнуваа сфаќањата за значењето на Охрид и езерото. По ова нема што повеќе да се каже, освен фактот дека уште не е отстранета опасноста и оваа Влада и премиерот Зоран Заев да станат соучесници на ново злосторство врз Охрид и езерото. Тоа што претходниците избербатиле и уништиле тешко ќе се санира. Ама мора еднаш да се почне саглам, да се обесхрабрат мафиите и да се пресечат нивните спреги со политиката. И не само во Охрид.