Нежни на критика


Сосема очекувано, и струмичките родители бараат нивните деца да не полагаат приемни испити за упис во средните училишта. Кога останатите низ земјава се ослободија од обврската што им носи стрес, и на децата и на нивните родители, зошто да полагаат само тие? Ако попустливоста и кршењето на прописите важи во Скопје, зошто да не важи и во Струмица, и во Битола, и во Тетово? Насекаде. И, ако важи годинава, зошто не би важела и следната година… Притоа, никој нема ништо против загриженоста на родителите што сакаат своите деца да ги запишат во гимназијата „Орце Николов“. Вкупно 311 деца со просек 5.00, а 285 ученици. Но не е првпат на уписите за средните училишта да има прекубројни кандидати и сите да бидат одлични (што е друга тема за расправа) и сè досега се примаа толку колку што беше определено со конкурсите. Разликата овој пат е што родителите успеаја да стигнат до премиерот Зоран Заев и да се пожалат. Се донесе соломонска одлука – сите да бидат примени.
Само неколку часа подоцна, откако го решаваше проблемот со учениците, претседателот на Владата доби писмо од стотици уметници кои од него бараат да не го менува досегашниот директор на МКЦ за да постави „свој“ човек, иако премиерот реално нема ни компетенции да се меша во овој избор, кој е во надлежност на Град Скопје.
Уште неколку часа подоцна, првиот човек на „Илинденска“ беше повикан да посредува во ситуација кога активист на партијата што ја предводи му се заканувал на новинарот Бранко Героски затоа што го прозива премиерот да расчисти со рекетарска багра што е поврзана со медиумскиот бизнис. Тој, веројатно, немал време да се сретне со познатиот новинар, но затоа на помош пристигна претседателот на државата.
И така, во само едно деноноќие преку некои банални и помалку опасни случувања ќе видите дека Владата или премиерот и неговите соработници ја губат почвата под нозете. Стануваат исклучително чувствителни на јавна критика и попуштаат под притисокот, овој пат минорен.
Секако, не е никаков проблем да се запишат во училиште плус 26 деца, да им се дозволи на уметниците самите да го водат местото што го сметаат за центар на својот свет и апсолутно да им се даде поддршка на професионалните новинари, но целосно неприфатливо е кога во најобични ситуации се оди по линија на помал отпор.
Ако постојат прописи што важат со децении, не смеат да се кршат само за една употреба, затоа што нема да бидат само за еднаш. Кој родител сега ќе дозволи неговото дете да полага денеска, следната или за пет години кога очигледно може да те примат без испит? Или, ако постои стручна комисија што треба да одлучи кој ќе биде директор, зошто е потребно премиерот лично да ургира? За нападите, вербални или физички, кон новинарите, но и кон секој друг граѓанин, има надлежни институции и тие се платени да ги штитат нивните права, а не да замолчуваат пред партиските ботови.
Вакви примери има еден куп и не се само овие во последните два дена. Тие покажуваат значителен губиток на самодовербата кај водечките луѓе на државата. Веројатно занишани од неуспехот во Брисел и Луксембург, како и од разочарувањето што завладеа меѓу владините поддржувачи, челните луѓе на „Илинденска“ сакаат да остават привид дека ја држат ситуацијата под контрола. Но повпечатливи ќе бидат доколку работат исклучиво согласно прописите, законите и надлежностите. Тогаш ќе покажат дека се на вистинскиот пат. Вака, излегува дека секој може да им суфлира или постојано да ги држи под притисок.