Немаат за леб, имаат за „мерцедес“
Опозиција каква што може само да посака секоја власт. Вака Андреј Жерновски реагираше на протестот на ВМРО-ДПМНЕ за поскапувањето на струјата објавувајќи ја фотографијата на која се гледа скап автомобил на кој стои патетична порака: „Заев полни џеб, народ нема за леб“.
„Драги политички противници, едно конструктивно прашање до вас: Кој ви предложи да лепите плакат со содржина ‘Народ нема леб’ на луксузно АUDI A8 4,2 TDI, кое чини 140.000 евра? Како мислите со вакви лимузини да му докажете на македонскиот граѓанин дека навистина ве интересира неговата судбина и дека, цитирам, ја делите неговата мака?!? Или, и овој со Mercedes-ов нема леб?“, стои во реакцијата на Жерновски.
И самиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави фотографии од протестот на кои се гледаат стари и евтини возила, но и скап возен парк на тие што учествуваа на протестот.
Власта веќе неколку дена го обвинува Мицкоски за лицемерие посочувајќи дека во негово време имало најголемо поскапување на струјата и најмало производство, со порака дека само си ја спасува фотелјата со вакви протести.
Неговите противници во ВМРО-ДПМНЕ првиот протест на кој имаше околу 1.500 луѓе го нарекоа дебакл, а по овие фотографии коментар не е ни потребен. На социјалните мрежи пак веќе констатираа дека Мицкоски има право, бидејќи да не поскапела струјата, ќе возеле уште подобри автомобили. (Н.В.)