Нема одвојување на Македонија и Албанија, велат во Брисел


Доколку Софија остане на блокадата на нацрт-заклучоците за Западен Балкан Словенија ќе објави список на земјите кој е за, а кој блокира

 

БРИСЕЛ – Во ЕУ сѐ уште нема согласност за заклучоци за проширувањето пред утрешниот министерски состанок, спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија е една од главните пречки, но не е единствена.

Доколку Софија остане на блокадата на нацрт-заклучоците за Западен Балкан Словенија ќе објави список на земјите кој е за, а кој блокира.

Слично на минатата години земјите-членки на ЕУ повторно не можат да ги усогласат заклучоците во делот на проширувањето. Доколку нема заклучоци ова би било втора година по ред како ЕУ не може да постигне согласност за оваа политика. Меѓутоа овој пат поголема е веројатност словенечкото претседателство да настапи со претседателски заклучоци и имиња на земјите кои ги поддржуваат, наместо како што беше лани, воопшто да нема никакви заклучоци, брифираат дипломатите во Брисел за МИА.

Несогласувања има и околу Турција и Босна и Херцеговина, а не само околу Северна Македонија.

Што се однесува до македонско-бугарскиот спор, Софија на состанокот минатата недела инсистирала дека Северна Македонија „не ги исполнува критериумите за отпочнување на преговорите“, став кој не добил поддршка од другите 26 земји членки, ниту од Европската комисија.

Опцијата за одвојување на Албанија од Северна Македонија „доби малку, односно никаква поддршка“, вели висок дипломат на ЕУ за МИА.

Според дипломатите присутни на разговорите на амбасадорско ниво, Бугарија се буни за повеќе формалности во заклучоците за Северна Македонија. Една проблематична точка за Бугарија е употребата на „долгото име“ – Република Северна Македонија, на што инсистира Софија.

Нацрт-заклучоците на словенечкото претседателство го користат долгото име на сите земји од проширувањето во воведниот дел, потоа во остатокот од текстот се користи краткото име за сите (Северна Македонија, Србија, Албанија, итн.). Софија сака секаде да стои Република Северна Македонија, што е исто така неприфатливо за мнозинството земји членки. Се очекува краен компромис да биде употребата на долгото име за сите земји и во целиот текст, но не само за Северна Македонија, велат дипломатите.

Крупно барање на Бугарија е да се вметне повторно реченицата за почитувањето на Договорот за пријателство, како експлицитен дел од процесот на проширување за Северна Македонија. Иако билатералните договори се секогаш споменати во овие заклучоци, за мнозинството земји-членки на ЕУ е неприфатливо тоа да биде вклучено како специфичен дел во преговорите за Северна Македонија, бидејќи е голем ризикот со тоа да се создаде преседан и да се билатерализира целиот процес на проширување, што е спротивно на духот на новата методологија за претпристапни преговори на ЕУ.

Софија има проблем и со временската одредница која е вклучена во нацрт- заклучоците. Имено, словенечкото претседателство смета дека во заклучоците треба да стои „преговори со Северна Македонија и Албанија оваа година“.

Разговорите сега се водат на повисоко ниво и утре министрите за европски прашања ќе разговараат на темата со цел постигнување компромис за конечните заклучоци пред Самитот на ЕУ, што ќе се одржи в четврток и петок.

Доколку повторно нема заклучоци и словенечкото претседателство одлучи да поднесе само свои заклучоци со поддршка на одделни земји, Бугарија би можела да биде изолирана ако сите други 26 земји членки на ЕУ се потпишат на заклучоците на претседателството.

Разговорите на линија Софија – Скопје – Брисел продолжуваат и денеска и не се исклучува нови нацрт-заклучоци до крајот на денот, велат дипломатите, кои во голем дел не губат целосно надеж за изнаоѓање решение за компромис во последен момент и отпочнување на преговорите со Скопје и Тирана пред 31 декември. (МИА)