Полска веќе испрати две писма до Будимпешта во кои бара екстрадиција на пребегнетите политичари

Само два дена по победата на Петер Маѓар полскиот министер за правда повторно бара одговори од Унгарија што ќе прави со бегалците Збигњев Зиобро и Марчин Романовски


Потерницата за поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро (Фото: АФП)

 

Полскиот министер за правда им се обрати на унгарските власти со нови писма откако со месеци не добија суштински одговор во случајот со двајца полски политичари кои се кријат во Унгарија, објави унгарскиот неделник ХВГ.

Министерот за правда и генерален обвинител, Валдемар Журек, во вторникот испрати две писма до Будимпешта. Во писмата, тој првенствено бара одговори за тоа што се случило со европската потерница издадена против поранешниот полски државен секретар за правда Марчин Романовски и дали нему и на поранешниот министер за правда, Збигњев Зиобро, навистина им е даден азил во Унгарија.

Полската страна претходно ги контактираше унгарските власти, но одговорот добиен на 30 март беше опишан како „недоволен“.

Полското обвинителство пак го отвори случајот два дена откако Петер Маѓар, претседателот на партијата Тиса, победи со двотретинско мнозинство на изборите.

Новоизбраниот премиер претходно неколку пати зборуваше за поранешните полски политичари кои избегаа во Унгарија. На неговата меѓународна прес-конференција во понеделникот, тој потврди дека Унгарија не може да биде „скривалиште за меѓународно барани криминалци“, споменувајќи го притоа и Никола Груевски, и вети дека во иднина ќе обезбедат соработка според меѓународното право, што значи дека ќе ги екстрадираат оние кои се гонат во други земји. Тој додаде: ако двајцата полски политичари немаат што да кријат, треба да се вратат во Полска и таму да се ослободат од вината.

Македонија има издадено меѓународна потерница за Груевски кој има политички азил во Унгарија. Барањето за екстрадиција беше испратено во 2018 година веднаш по бегството на Груевски, но беше отфрлено од унгарските власти.

Маѓар на прес-конференцијата ја повтори својата претходна изјава: „Не купувајте повеќе мебел, Унгарија нема да стане скривалиште за меѓународно барани криминалци“.

Никола Груевски снимен во 2024 во елитниот ресторан „Токио“ во Будимпешта, чиј сопственик е поврзан со високите структури на Фидес

Македонското Министерство за правда соопшти дека од денес ќе почне да ги прибира документите од досието за Груевски и потоа ќе одлучи како ќе постапува. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека доколку Груевски се појави во Македонија веднаш ќе биде испратен в затвор на издржување на казната. Од Груевски нема глас откако во неделата на Фејсбук го честиташе Велигден. Не се знае дали тој воопшто е во Унгарија.

Но полските бегалци се во Унгарија. Во изборната ноќ, на Икс кружеа слики во кои се тврдеше дека поранешниот министер Зиобро веќе бил на аеродромот во Будимпешта. Сепак, на друго видео снимено еден ден подоцна полскиот поранешен политичар е интервјуиран од полскиот медиум „Полсат њуз“ во Варошмајор.

Зиобро е обвинет во Полска по 26 кривични дела, вклучувајќи формирање и водење криминална организација, злоупотреба на службена должност и проневера на значителни износи јавни средства од Фондот за правда и обид за проневера. Романовски се соочува со 19 обвиненија, вклучувајќи учество во криминална организација, злоупотреба на службена должност и злоупотреба на јавни средства.

Според полското обвинителство, двајцата се во Унгарија и, врз основа на неофицијални информации, можеби добиле азил, но ова сè уште не е потврдено од унгарските власти.

Романовски го изгуби имунитетот во летото 2024 година. Сепак, тој не се појави на судското рочиште, туку наместо тоа отиде на патување во Унгарија, од каде што не се врати во Полска. Зиобро, исто така, отпатува во Унгарија наместо на неговото судење, а во јануари 2026 година самиот објави на социјалните мрежи дека му е даден азил.

Полските власти побараа европска потерница за двајцата политичари во февруари 2026 година.

Романовски одговори на изјавите на Петер Маѓар во понеделникот. Тој рече дека Полска „изгубила важен сојузник“ и нагласи дека одлуката за екстрадиција ќе ја донесе судот, а не владата. Тој, исто така, го нарече лидерот на партијата Тиса „унгарски Доналд Туск“ и тврдеше дека двајцата се марионети на Брисел.

Збигњев Зиобро последен пат реагираше на она што Петер Маѓар го предложи тогаш кон крајот на јануари. Според неговата објава на Фејсбук, ниту тој ниту Марчин Романовски не сториле кривично дело и биле жртви на политички прогон, а не „барани криминалци“.

Тој верува дека полската влада предводена од Доналд Туск изнесува неосновани обвинувања против нив од одмазда, додека личности од придружбата на Туск се обвинети за сериозни случаи на корупција, кои тој претходно ги истражувал како обвинител. Зиобро го опишува сегашното полско раководство како систем поддржан од Брисел. Во својата објава, тој му се заблагодари на Виктор Орбан за неговата поддршка, кого го наведе како пример за спротивставување на политичкиот прогон. (Н.В.)