Брисел не дал преодна оценка за Законот за судски совет, сега повторно ќе се менува!


 

„Ова е како од рубриката ‘Верувале или не’“, напиша пратеничката Моника Зајкова за достигнувањата на македонското Собрание, откако пратениците добиле предлог-закон со кој се менува штотуку усвоениот Закон за судскиот совет – кој е дел од Реформската агенда и за кој ЕК не ни исплати сретства, бидејќи не е според препораките на Брисел.

„Кога се прават јавни расправи на одредени закони само тукутака, за што алармирав и протестирав во Собранието, ви стасува порака во која по само два месеца откога е донесен Законот, стои дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, по скратена постапка е доставен до Собранието. Не можеме реформски закони, како што е Законот за Судскиот совет, да ги менуваме на два месеца, а притоа да очекуваме доверба во правосудниот систем и правна сигурност во Македонија“, вели Зајкова.

Законот за Судскиот совет власта го најавуваше како закон што конечно ќе ги реши сите проблеми во судското тело што со години е мета на критики и скандалозни одлуки. Донесениот закон, всушност, не го поминал европскиот филтер, бидејќи во Законот не се внесени сите препораки што ги даде Оценската мисија од 2023 година, по скандалозната смена на тогашната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева. Најмногу забелешки има за начинот на избор на член на Советот од редот на истакнатите правници, кој со законот е на предлог на Комисијата за избори и именувања на Собранието, иако Оценската мисија јасно навела дека треба да се избира преку работната група за селекција, составена од граѓанските организации, од Здружение на судии, Адвокатска комора, пратеници од власт и опозиција.

Министерството за правда во исто време го пратило Законот на мислење до Европската комисија и до Собранието, со тоа што Собранието го изгласало пред Европската комисија да даде свое мислење, па поправките ќе се прават отпосле. Забелешки за Законот имало и од Венецијанската комисија во однос на оценувањето на судиите, па сега со овие предлог-измени, и овие забелешки ќе се земат предвид.

Брисел одбил да ги исплати очекуваните 6,4 милиони евра предвидени во Реформската агенда за носење на новиот Закон за Судскиот совет, затоа што власта побрзала да го донесе пред текстот да добие зелено светло од Европската комисија. Ова на пратенички прашања го потврди и премиерот Христијан Мицкоски.

„Петтиот индикатор, и покрај тоа што мина Законот за Судскиот совет, има одредени лесни забелешки, кои мислам дека се прифатливи и тие многу скоро ќе се најдат пред пратениците за усвојување. Не е ништо суштинско, но е во рамките на барањата на ЕК“. На критика на Брисел е и изборот на член на Комисијата за антидискриминација, но таму поради политичко влијание.